Поповски најави стратегија за транспарентност, ќе се изработува заедно со граѓанските организации

Макфакс

29/05/2019

18:06

1.789

Големина на фонт

а а а

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, учествуваше на конференција посветена на зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис-сектор, која се одржа денеска во организација на Центарот за граѓански комуникации и здружението „Конект“.

Поповски во своето обраќање на панелот посветен на транспарентноста и отчетноста на претпријатијата во државна сопственост ја истакна неопходноста од системски пристап, со оглед на фактот дека институциите секојдневно објавуваат информации по разни основи и најави стратегија за транспарентност, која, како што рече, ќе се изработува во соработка со граѓанските организации.

Тој се осврна на состојбата во однос на достапноста до информациите. Министерот рече дека рокот за одговор на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер е намален од 30 на 20 дена. Тој ги истакна напорите и преземените активности на оваа Влада во насока на отворање на Владата и нејзините институции за медиумите и за граѓаните.

„Во минатиот период, кога бевме квалификувани како заробена држава, постоеше еден завет на молчење – по сите основи. Ниту дебати, ниту дискусии, ниту кој било доставуваше, а ми се чини дека ниту кој било или многу ретко некој прашуваше за информации, состојби, појави, финансиски извештаи не само на Владата туку и на претпријатијата. Почнавме од минусно салдо во насока на отвореноста на институциите и стигнавме до првото место во споредба со владите од регионот. Во 2017 година бевме на последното место, а за една година стигнавме на првото место – тоа говори нешто“, изјави Поповски.

Улогата на медиумите како чувар на јавниот интерес од аномалиите што се јавуваат во јавниот сектор е клучна за подобрување на состојбите, вели Поповски, но соработката со Владата и министерствата придонесува во расветлување на состојбите.

„Медиумите бргу реагираат на секоја девијантна појава – и тоа е одлично. Не случајно, како резултат на отвореноста на Владата, на една претходна дискусија од овој тип беше спомнато дека истражувачките стории во медиумите за една година се зголемени повеќекратно, дури и петпати. Тоа говори дека изворот на информации е достапен и отворен. Во иднина многу ќе биде тешко да се кријат информации“, потенцира Поповски.

„Како резултат на транспарентноста на Владата заштедени се речиси 100 милиони евра. Таму кај што има контрола и притисок, има и резултати“, додаде Поповски.