Дескоска: Законот за ЈО ќе донесе уште еден траен механизам во борбата против корупцијата

Макфакс

29/05/2019

18:03

1.687

Големина на фонт

а а а

Министерката за правда, Рената Дескоска, учествуваше на конференцијата посветена на зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис-сектор, која се одржа денеска во организација на Центарот за граѓански комуникации и здружението „Конект“.

Обраќајки се на панелот посветен на важноста на интегритетот и намалувањето на корупцијата во бизнис-секторот, министерката Дескоска направи паралела за поврзаноста на корупцијата во јавниот и приватниот сектор.

„Главното мото беше да дефинираме корупција од два аспекта: активна и пасивна корупција. Исто како што за танго се потребни двајца, и за корупција се потребни најмалку двајца. Едниот кој е носител на активна корупција и другиот кој е носител на пасивна корупција. Затоа, не случајно ставивме одредби што треба да значат обврска на јавните функционери да се исклучуваат од судир на интереси бидејќи честопати гледавме дека своите фирми се преферираа во минатото, сега имаме сериозни забрани во Законот за спречување на корупцијата, кои треба да оневозможат ситуации на судир на интереси“, потенцира Дескоска.

„Имаше одредени афери што зборуваа за доделување помош, грантови и слично на фирми блиски до високи функционери – тоа прашање го решивме во Законот за спречување на корупцијата со одредени забрани, но и со други механизми, и доколку се случи да има пообјективни и потранспарентни процедури, тоа да биде пријавено до ДКСК, која ќе испита дали се искористени процедурите онака како што треба, дали се преземени сите заштитни механизми за спречување корупција“, додаде министерката.

Според Дескоска, корупцијата не е само активно или пасивно земање финансиски средства.

„Честопати самиот тип на нелојална конкуренција што се создава во бизнис-секторот произлегува од пристапот до одредени податоци што одредени фирми ги имаат, а други ги немаат“, додаде Дескоска.

Министерката истакна дека правната рамка е добра, но дека како држава честопати страдаме од неимплементацијата на законските одредби.

„Тука на потег е ДКСК, но и Јавното обвинителство и судовите. Една е активноста која треба да е превентивна на ДКСК. Сите очи на јавноста се насочени кон неа бидејќи таа блесна во изминатиот период со својата активност наспроти онаа ДКСК што ја имавме во минатото. Но, ДКСК не е и не смее да остане единствен орган. Затоа и се насочени нашите напори кон донесување на новиот Закон за Јавното обвинителство, кој треба да ни овозможи уште еден траен механизам во борбата против корупцијата“, потенцира Дескоска.