Градоначалникот на Париз го откри планот на градските власти за изградба на огромен парк во околината на Ајфеловата кула.
Станува збор за проект вреден 65 милиони евра, чија што цел е автомобилите, односно патиштата да се поместат од непосредна близина на најпознатата туристичка атракција во француската престолнина.
Идејното решение е дело на Катрин Густафсон, а според нејзините зборови, идејата била да се направи најголемата градина во Париз која е предвидено да се протега на површина од 54 хектари.
Моментално на тој простор има сообраќајници и мост кој ги поврзува, а според планот, тие сообраќајници и мостот ќе бидат претворени во пешачки и велосипедски патеки. Планот исто така вклучува и изградба на амфитеатар на плоштадот Трокадеро, кој исто така ќе биде опкружен со зеленило.
Овој грандиозен план би требало да биде завршен до 2024-та година, односно до почетокот на летните Олимписки игри чиј домаќин ќе биде токму Париз.