Претседателот ги потпиша указите за 21 закон

Макфакс

21/05/2019

15:32

1.214

Големина на фонт

а а а

Претседателот Стево Пендаровски потпиша укази за прогласување на 21 закон, кои не беа потпишани од поранешниот претседателел Ѓорге Иванов.

Меѓу потпишаните се и указите за прогласување на Законот за изменување на Законот за оперативно-техничка агенција, на Законот за Централен регистар на население, на Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, на Законот за изменување на Законот за спортот и на Законот за практиканство.

,,Претседателот Пендаровски смета дека овие закони и нивната идна имплементација се од витален интерес за граѓаните на Република Северна Македонија. Измените на Законот за оперативно-техничка агенција се однесуваат на делот на финансирањето и ќе придонесат за професионализација на безбедносните служби. Формирањето на ОТА произлезе од Планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите.

Со примена на Законот за Централен регистар на население ќе се утврди унифициран и единствен начин на водење на поединечните бази на податоци врз основа на утврдени стандарди и процедури.Со Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите се унапредува економскиот развој на државата. Новиот закон значително ги олеснува процедурите, но и ќе се зголеми бројот на компании кои можат да аплицираат и добијат државна поддршка за развој на бизнисот.

Со измените на Законот за спорт се овозможува даночно ослободување за националните спортски федерации, за спортските клубови, за активни спортисти од олимписки и неолимписки спортови, како и други правни субјекти кои имаат решение за вршење на дејност спорт. Со ова ќе се обезбедат значителни средства за поддршка на спортот и спортистите. Законот за практиканство ќе им помогне на невработените лица и на лицата кои не се во работен однос, како и на работодавачите да ги реализираат своите цели – вработување на соодветен кадар преку обука за време на практична работа”, се вели во соопштението.

Претседателот Пендаровски ги потпиша указите за прогласување на следните закони:

– Закон за изменување на Законот за оперативно-техничка агенција;

– Закон за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица;

– Закон за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации;

– Закон за дополнување на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија;

– Закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност;

– Закон за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата;

– Закон за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер;

– Закон за Централен регистар на население;

– Закон за изменување и дополнување на Изборниот законик;

– Закон за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестиции;

– Закон за изменување на Законот за спортот;

– Закон за практиканство;

– Закон за услуги;

– Закон за ратификација на Договорот меѓу Република Македонија и Црна Гора за уредување на меѓусебните имотно-правни односи;

– Закон за извршување на санкциите;

– Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи;

– Закон за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања;

– Закон за изменување и дополнување на Законот за државните награди;

– Закон за изменување на Законот за Владата на Република Македонија, со текстот на Законот;

– Закон за електронско управување и електронски услуги;

– Закон за изменување и дополнување на Законот за јавен долг.



Спонзорирани линкови

Маркетинг