Вучиќ го покани Пендаровски да ја посети Србија

Макфакс

12/05/2019

16:51

2.741

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на средбата со новиот претседател Стево Пендаровски изразил надеж дека за добра соработка, особено со цел поттикнување на соработката во областа на економијата.

,,Двајцата претседатели ја изразија својата намера да ги развијат врски меѓу двете земји и во сите други области од заеднички интерес и во корист на граѓаните на Србија и Македонија, се наведува во соопштението од Кабинетот на Вучиќ. Во него се посочува дека српскиот претседател му го честитал изборот, со желба за придонес во напредокот на земјата и за развојот на билатералните односи меѓу Србија и Македонија.

Претседателот Вучиќ на средбата го поканил претседателот Пендаровски да ја посети Србија и изразил надеж дека оваа посета ќе даде поттик за развојот на соработка и добрососедските односи.

Пендаровски, како што се наведува во соопштението од Кабинетот на српскиот претседател, му се заблагодарил на Вучиќ за присуството на инаугурацијата, изјавувајќи дека му е мило што има пријатели во регионот. Пендаровски ја прифатил поканата да ја посети Србија на есен.

Претходно Вучиќ, по инаугурацијата на Пендаровски, изјави дека верува оти двете земји ќе ги отстранат шумовите кои постојат во претходниот период. На прашањето дали ќе бидат отстранети шумовите во врските меѓу двете земји од периодот кога во Северна Македонија бил обвинувана Србија дека учествувала во обид за државен удар, Вучиќ истакна дека не е проблем кога постојат шумови, туку е важно двата народа да се почитуваат и сакаат.

–,,Ќе се обидеме и тие шумови да ги отстраниме. Верувам дека имаме доволно капацитет за тоа. Верувам дека таква желба постои и во Скопје”, нагласи српскиот претседател.

Тој додаде дека е многу важна добрата политичка и економска соработка, како и растот на трговската размена меѓу Белград и Скопје, изразувајќи надеж дека така ќе продолжи и во иднина. ,,Моето доаѓање тука е симболична потврда дека сакаме да градиме уште подобри односи и мостови на пријателство меѓу Србија и Северна Македонија и меѓу нашите народи”, истакна Вучиќ по инаугурацијата на Пендаровски.