Македонскиот народ може да биде горд на вчерашниот избори бидејќи со големата неизлезност е фактички победник на изборите со што ја делегитимира марионетската власт во Скопје. Стево Пендаровски победи со 436.212 гласови, но, тоа е само 23 отсто од вкупниот број запишани избирачи со право на глас, велат од Единствена Македонија.
„Претседател на држава со добиени 23 отсто од запишани избирачи не може да се смета за легитимен претседател на македонскиот народ. Не случајно бил големиот страв на марионетската власт од неизлегувањето на изборите и најавите дека се спремни дури и да го укинат цензусот. За каква масовна победа на обединување и заедништво зборуваа синоќа Пендаровски и Заев кога македонскиот народ во голем број не излезе на изборите, а Пендаровски победи со гласовоте на албанското малцинство во земјата“, велат од партијата.
Пендаровски и Заев, додаваат од таму, победнички изјавија дека исходот од претседателските избори на кои Пендаровски доби само 23 отсто од запишаните избирачи значел гарантиран пат напред во НАТО и ЕУ.
„Да им ја освежиме меморијата на Заев и Пендаровски дека македонскиот народ и поголем дел од граѓаните на Република Македонија на ланскиот референдум на 30 септември ја изразија својата волја дека не сакаат во НАТО и ЕУ“, велат од Единствена Македонија.