Мицкоски: Заев призна дека сопрел истрага за двајца високи државни функционери

Макфакс

02/05/2019

19:45

1.371

Големина на фонт

а а а

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска имаше средба со граѓаните на општина Крива Паланка.

На средбата Мицкоски посочи дека во вториот круг од претседателските избори граѓаните на Крива Паланка ќе изберат жена за претседател, со што ќе се победат сите неправди, а со тоа ќе бидат поразени криминалот и корупцијата што моментно владеат во Република Македонија од страна на Владата на СДСМ и Заев.

„Крива Паланка на 5 мај ќе избере правда за Македонија и тука народот вели – Гордана ќе биде. Неправдата ќе биде поразена, ќе бидат поразени заштитниците на криминалот и корупцијата, вели Мицкоски“, рече тој.

Мицкоски пред присутните граѓани ја коментира и вчерашната изјава на Заев, каде што, како што рече, јавно признал дека со својата функција успеал да издејствува запирање на истрагата на двајца негови функционери осомничени за криминал, односно, како што рече Мицкоски, Зоран Заев е заштитник и промотор на криминалот, а со такви политичари Република Македонија не може да гради европска иднина.

„И на прашањето на новинарот кои се тие директори и каква функција вршеле, каде директорувале, самиот рече: Е, сега вие мене ме терате јас нив да ги обвинам, а неколку минути претходно самиот призна дека практично ја сопрел истрагата за двајца високи државни функционери за основано сомневање дека сториле криминал. Затоа, не само во јуни, не па во јули, нема никогаш да добиеме датум за преговори ниту, пак, Македонија има евро-атлантска иднина заедно со политичари како Зоран Заев, но и оние 102,5 процента слични на Зоран Заев, претпоставувам знаете за кого зборувам, зборувам за овој Пендаровски Стево“, рече Мицкоски.

Мицкоски побара масовна поддршка од страна на граѓаните в недела на 5 мај потенцирајќи дека Македонија вистинска иднина во Европа ќе има само доколку добие претседател кој е чесен, честит, достоинствен и кој ќе ги испорача сите ветувања дадени пред граѓаните додавајќи дека таков човек е токму Гордана Силјановска-Давкова, која се бори за правото и правдата во Република Македонија.




Спонзорирани линкови

Маркетинг