Гуаидо после неуспешниот воен удар призна: Не добивме доволно поддршка од армијата

Точка

02/05/2019

09:30

3.318

Големина на фонт

а а а

На улиците на главниот град на Венецуела и останатите поголеми градови во текот на вчерашниот ден се собраа поддржувачите на актуелниот претседател Николас Мадуро, како и поддржувачите на самопрогласениот претседател Хуан Гуаидо.

Како што пренесува „СиЕнЕн“, во Каракас се собрале неколку илјади поддржувачи на Гуаидо, додека на улиците се нашле и поддржувачите на Мадуро кои го прославувале 1-ви мај.

Поради тоа, забележани беа низа на жестоки судири на безбедносните сили и поддржувачите на опозицијата. Полицијата била приморана да реагира со солзавец, додека кај демонстрантите биле забележани и молотови коктели.

Откако судирите на улиците на Каракас се смирија, Гуаидо ги повика своите следбеници повторно да излезат на улиците за да се заврши, како што рече „последната фаза“ од рушењето на Николас Мадуро од власт.

Од друга страна, Мадуро по повод Денот на трудот упати честитки со порака дека работничката класа ширум земјата ќе го прославува празникот, но и ќе ја бранат државата и ќе кажат „не“ на државниот удар и американското мешање во внатрешните работи на Венецуела.

Високиот комесаријат на Обединетите нации за човекови права, ги предупреди властите на Венецуела да не користат прекумерна сила над демонстрантите и да се „откажат“ од насилствата, додека од јужноамериканската држава се повеќе пристигнуваа информации за жестоки судири помеѓу демонстрантите и безбедносните сили.

Според последните информации, најмалку 69 лица се повредени само во Каракас, а откако малку се смири ситуацијата, Мадуро порача дека Гуаидо се обидел да изведе државен удар и дека не успеал во тоа.

Гуаидо пак призна дека немал доволно припадници на армијата на своја страна, но порача дека народот ќе продолжи секојдневно да протестира се додека не ја постигне својата цел, односно не го сруши Николас Мадуро од власт.

„Мораме да признаеме дека ги немаше во доволен број. Мораме да инсистираме сите воени и полициски сили заедно да се појават. Не бараме конфликт, не го бараме тоа меѓу нашите браќа, ние го сакаме спротивното. Сакаме да бидат на страната на народот“, порача опозицискиот лидер Хуан Гуаидо.



Спонзорирани линкови

Маркетинг