Тинејџерката која го воодушеви светот: Аутистичното девојче е еден од фаворитите за Нобелова награда за мир

Точка

25/04/2019

19:58

2.966

Големина на фонт

а а а

Грета Тунберг има само 16 години, а за неа веќе слушна целиот свет благодарение на нејзината борба за спас на планетата.

Младата Швеѓанка веќе некое време се занимава со еколошки активизам и тоа го прави многу успешно. Тунберг се прослави со повиците децата да штрајкуваат и да не посетуваат настава во петок туку наместо тоа да протестираат против климатските промени. 

Колку расте нејзиното влијание, покажува и фактот дека во последните неколку месеци таа беше примена од врховниот поглавар на католичката црква во Ватикан, норвешките пратеници ја номинирале за Нобелова награда за мир, а разговарала и со бројни британски пратеници.


Откако во август минатата година започна штрајк во Стокхолм, Грета се обрати пред Светскиот економски форум во Давос, пред Европскиот парламент и учествуваше во разговорите на ОН кои беа одржани во Полска.

Како започнала нејзината битка?

Грета Тунберг е родена на 3-ти јануари 2003 година. Нејзината мајка е оперската певица Малена Ернмам, а татко ѝ е актерот Сванте Тунберг, наречен по далечниот роднина Сванте Архениус, еден од основачите на физичката хемија како модерна научна дисциплина.

Како што вели и самата Грета, за првпат дознала за климатските промени кога имала само осум години и не можела да разбере зошто толку малку се презема во борбата против нив. Кога имала 11 години, станала депресивна и престанала да зборува, а подоцна било утврдено дека пати од Аспергеров синдром (облик на аутизам), опсесивно-компулсивно нарушување и селективен мутизам. Селективниот мутизам значи дека таа зборува само кога чувствува дека тоа е потребно, а Тунберг сфатила дека мора да зборува за климатските промени. Тоа што има нарушување од аутистичен спектар, самата го сфаќа како предност бидејќи “речиси сè е црно или бело”.

“Се чувствувам како да умирам одвнатре ако не протестирам”, изјавила Грета во говор на TEDx минатиот ноември.

Протест пред шведскиот парламент

Минатата година во август, 16-годишното девојче решило нешто да преземе. Откако Шведска ја зафатија незапаметено високи температури и пожари, Грета решила да не оди на училиште туку да протестира пред шведскиот парламент. Родителите пробувале да ја разубедат во тоа и училишните другари не ја поддржувале, но таа самата протестирала пред огромната зграда со еден транспарент на кој пишувало “Училишен штрајк за климата”. Сепак, тогаш го привлекла вниманието на јавноста и пополека започнала да го шири своето влијание.


Ги предомислила своите родители

Нејзините родители сè уште не се среќни што таа пропушта настава, но ја поддржуваат во она што го прави.

“Ние го почитуваме тоа што таа сака нешто да промени. Можеше да седи дома и да биде несреќна или да протестира и да биде среќна. Во текот на годините, повеќе немав аргументи. Таа постојано нѝ прикажуваше документарни филмови и заедно читавме книги. Пред тоа, јас навистина немав поим, мислев дека го решивме проблемот со климата”, изјавил нејзиниот татко Сванте, пренесува “Guardian”.

Инспирирала протести ширум планетата

Од почетокот на оваа година, во светот се сè позачестени протестите на демонстранти кои бараат од своите влади да го приоритизираат проблемот со климатските промени. Во Белгија во јануари, децата пропуштале настава за, токму како и Грета, да протестираат. Април го одбележаа масовни демонстрации во Велика Британија и појава на различни активистички групи кои бараат преговори со владата, а некои повикуваат и на граѓанска непослушност. Можеле да се забележат илјадници демонстранти ширум Франција, Германија, Шпанија, Холандија, Канада...


Наводно, Грета присуствувала и на демонстрации во Лондон и Рим, каде се сретнала и со папата Франциск. Таа го повикала римокатоличкиот поглавар да се приклучи во борбата против климатските промени.

Фаворит за Нобелова награда за мир

Поради нејзините активности, норвешките пратеници ја номинирале за Нобелова награда за мир. Според податоците на водечките британски обложувалници Ледброкс, таа моментално е главен фаворит за оваа престижна награда.

Доколку ја освои, таа ќе стане најмладиот лауреат за Нобелова награда за мир. Таа титула моментално ја поседува пакистанската активистка Малала Јусуфзаи, која ја доби оваа награда на 17 години поради својата борба за образование на девојчињата и женските права.


“Ја предложивме Грета бидејќи ако не направиме нешто во оваа борба, климатските промени ќе предизвикаат војни, конфликти и ќе доведат до нов бран на мигранти”, изјавил Андре Овстегарс, пратеник на Социјалистичката левица.

Како што додава тој, Грета “создала движење кое може да придонесе за светски мир”.



Спонзорирани линкови

Маркетинг