“Во рок од пет дена ги изгубив синот и сопругот – еве како преживеав”

Точка

20/04/2019

15:34

4.759

Големина на фонт

а а а

Риан Менингс живее во Велс и ја води организацијата “2Wish” и “2Wishuponastar” за помош на лицата кои ги изгубиле своите сакани, а за “Wales Online” таа раскажала како се справила со две големи трагедии – изненадната смрт на својот син и самоубиството на сопругот.

Ова е нејзината приказна: 

“Поминаа седум години откако мојот живот целосно се промени. Бевме нормално семејство, беше нормален ден. Ги искапав децата и им дадов млеко пред спиење. Денот со три деца помлади од три години беше тежок, но воедно и совршен. Мојот сопруг и јас бевме среќни. Кога ќе се вратам назад, гледам дека тоа сме го сфаќале прилично лесно. Барем да знаев што следува.


Нашиот најмлад син Џорџ изненадно почина на 22-ри февруари 2012 година. Тој ден ползеше наоколу како и вообичаено и си играше, кога одеднаш падна. Полека станав и без паника отидов да го подигнам бидејќи не мислев дека е нешто сериозно, но телото веќе му беше безживотно. Веднаш го одведов во болницата Ројал Гламорган каде докторите безуспешно пробуваа да го спасат. Болницата тешко излегуваше на крај со смртните случаи бидејќи не нè оставија да се опростиме од него. Конечно најдоа место каде што ќе можеме уште малку да бидеме со Џорџ и се упативме низ ходникот со медицинската сестра која во рацете го носеше нашето мртво дете. Кога по неколку часа отидовме дома, на прозорецот сè уште стоеја честитките од неговиот прв роденден кој го славевме тој ден, а во аголот од собата стоеја подароците. Немаше солзи, бевме тивки и размислувавме како ќе го преживееме сето ова.


Ја повикавме националната организација за жалост, но не добивавме никакви одговори. Постојано нѝ кажуваа дека некој ќе се јави или ќе дојде, но тоа не се случи. Немавме поим што следува, ниту каде е телото на Џорџ. Семејството и пријателите нѝ беа огромна поддршка, но тоа не беше доволно.

Пет дена по смртта на Џорџ, моето семејство го погоди друга трагедија. Пол, мојот сопруг и прекрасен татко, не можеше да се справи со таа загуба. Излезе и повеќе не се врати. Полицијата нѝ затропа на врата за да нѝ каже дека си го одзел животот. Конечно добив известување за причините за смртта на Џорџ – тој во моментот на смртта имал воспаление на белите дробови. Тогаш почнав да се обвинувам и за неговата смрт, постојано се прашував дали требаше да знам дека нешто не е во ред, дека е болен. Го изневерив и Пол, требаше да бидам покрај него. Зошто не можеше да разговара со мене?


Никогаш нема да сфатам зошто двајцата така нè напуштија. Сепак, верувам дека сè се случува со некоја причина, а во последните седум години пробав да ја насочам тагата во помагање на другите, но морав и да останам силна поради двете деца.


Во еден момент сте дел од петчлено семејство, а веќе во другиот сте “двојна мајка”. Се нарекувам себеси “двојна мајка” наместо самохрана бидејќи тогаш на моите деца им бев и татко и мајка, а имаа само три и четири години. Секое утро станував, ги облекував, се грижев за нив кога беа болни, ги капев... Никогаш не излегував од дома, не можев да бидам помеѓу луѓе кои се веселат. Пол и Џорџ постојано ми се привидуваа. Не можев ни да се јавувам на телефон бидејќи се плашев од лоши вести.

Со помош на пријателите започнав да излегувам од дома, а ми беше потребна цела година за повторно да почнам да возам. Помислував на самоубиство, но не можев да го направам тој последен чекор кој го направи Пол. Конечно се вратив и на работното место, што ми беше најтешко бидејќи работев на местото каде што се венчавме јас и Пол, каде ги крстивме нашите деца и каде што го одржавме погребот на Џорџ.

За да го сочувам здравиот разум, одлучив да си заминам од работата и да основам фонд за жалење во болницата Ројал Гламорган. Го контактирав локаниот Здравствен одбор и им раскажав сè што му се случи на моето семејство. Цел пат кон дома плачев во автомобилот иако тоа беше најдобриот разговор за тоа како се чувствував дотогаш. На крајот, една педијатарка сфати што сакам да направам и одлучи да ми помогне – така започна органзацијата “2Wish” која им помага на болниците и поединците полесно да се справуваат со смртта.


Денес, “2Wish” делува речиси во целиот свет, а за пет години собравме над милион и пол фунти. Во оваа организација се собираат луѓе кои поминале низ слични искуства и ги разменуваат своите приказни, а ние работиме и на едуцирање на лекарите кои по нечија смрт разговараат со членовите на семејството. Нема да застанеме со работа сè додека на секое семејство во Велс не му е достапна нашата помош”.



Спонзорирани линкови

Маркетинг