Единствена Македонија: Иванов да не се плаши и да ги ослободи уставобранителите

Макфакс

16/04/2019

12:24

1.386

Големина на фонт

а а а

Иванов да не се плаши и да ги ослободи уставобранителите, порачаа од партијата Единствена Македонија, од каде и денеска побараа од претседателот Ѓорге Иванов пред истекувањето на мандатот да ги помилува осудените за 27 април.

„Единствена Македонија, македонскиот народ и поголем дел од граѓаните на Република Македонија со нетрпение очекуваат да ја слушнат радосната вест од претседателот Иванов за помилување на уставобранителите кои се осудени на повеќе од два века затворски казни само затоа што влегоа во Собранието со силна верба дека го бранат уставниот поредок на државата. Единствена Македонија очекува од Иванов да не наседне на вчерашните закани на Зоран Заев и Али Ахмети. Заев се закани дека новиот претседател ќе ги поништи евентуалните помилувања од Иванов, а Ахмети најави последици во државата доколку Иванов даде помилување.

Го охрабруваме Иванов да не се плаши од блефирањето на Заев и Ахмети оти за заканите на Заев нема правна основа, а за заканите на Ахмети да му порачаме дека трпението на македонскиот народ ги поминува сите можни граници и доколку Ахмети повторно прави проблеми овој пат ќе си има работа со македонскиот народ, а не со македонското предавничко позициско и опозициско раководство во воената 2001“, велат од партијата на Јанко Бачев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг