Eдинствена Македонија: На митинзите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не излезе народот, туку нивните клиенти

Макфакс

15/04/2019

12:57

410

Големина на фонт

а а а

На централните митинзи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не излезе народот, туку организирано со автобуси беа донесени добро познатите клиенти и муштерии на овие две партии силно мотивирани од лични и клиентелистички побуди. Ова го истакна партијата Единствена Македонија преку соопштение.

„СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ по централните митинзи во Скопје шират лажна пропаганда дека народот масовно ги поддржал нивните митинзи иако вистината излезе на површина и сите прогнози дека народот е заситен од нивното 30-годишното владеење во кое само крадат, лажат и ја растураат државата, се потврдија како точни. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на митинзите довлечкаа едвај по десетина илјади митингаши и оваа бројка не е никаков проблем оти секоја владејачка гарнитура кога доаѓа на власт ја има можноста да прераспореди околу 9.000 лица, сметајќи ги тука илјадниците најниски раководни шефчиња низ државата, па сè до бројните функционерски именувања и назначувања“, смета партијата.

Единствена Македонија оцени дека на митингот на СДСМ присуствувале само лица, кои се стекнале со одредени партиски привилегии по доаѓањето на власт на оваа партија, а на митингот на ВМРО-ДПМНЕ биле оние околу 9.000 луѓе кои сега, како што велат од Единствена Македонија, се на резервната вмровска клупа и чекаат за да ги повратат раководните места во јавната и државната администрација.

„Народот не излезе за партиските лидери Зоран Заев и Христијан Мицквоски и нивните претседателски кандидати Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска-Давкова бидејќи на македонскиот народ му треба македонски кандидат за одбрана на националните и државните интереси, а Пендаровски и Силјановска се далеку од тоа“, додаде партијата во соопштението.



Спонзорирани линкови

Маркетинг