Силјановска: Ако станам претседателка едно од моите први обраќања ќе се однесува на ромската заедница

Макфакс

08/04/2019

13:24

1.315

Големина на фонт

а а а

Ако станам претседателка на Република Македонија едно од моите први обраќања ќе се однесува на ромската заедница. Се разбира дека ако мојата ќерка ја одгледала Ромка, една прекрасна жена која влегла во нашиот живот и ние во нејзиниот, не знам зошто не би побарала помош од Ромките и Ромите и во вршењето на претседателската функција, рече Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседателка на државата од ВМРО-ДПМНЕ по повод Меѓународниот ден на Ромите.

„Вреди да се одбележуваат важни датуми, како овој денот на Ромите во светот. Меѓутоа уште повеќе вреди секој ден да биде пристоен ромски ден. Се разбира Република Македонија на овој план уставно правно, зошто Ромите си го најдоа заслуженото место во Преамбулата, и институционално правно може да се пофали дека водевме сметка за своевидно самоуправување или себе управување во рамките на општина во која мнозинството се Ромите како што е Шуто Оризаре“, рече Силјановска.

Но, додаде таа, мислам дека на овој ден треба да се обврземе да исполниме и многу други предизвици врзани за ромската заедница, особено на планот на правичната и соодветна застапеност на сите нивоа на власта, особено на посебна заштита на ромската заедница како најранлива категорија не само во светот и во Република Македонија и тука мислам на посебните усилби за образованието, за здравството, за социјалната заштита.



Спонзорирани линкови

Маркетинг