Ципрас со честитки до Џафери за употребата на албанскиот јазик како официјален во Собранието

Макфакс

02/04/2019

18:12

1.456

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој е прв премиер на соседната земја што престојува во официјална посета на државава.

Како што информираат од неговиот кабинет, Џафери, оценувајќи ја средбата како историска, упатил честитки до Ципрас и Заев за храброста и за преземените чекори со кои, како што рекол, се надминал деценискиот спор меѓу двете држави. 

Претседателот на Собранието укажал и дека по стапувањето на сила на Договорот од Преспа, се воспоставува правна рамка која ќе овозможи парламентарна соработка на сите основи, што го вклучува и пратеното барање до грчка страна за формирање на група за пријателство во Грчкиот парламент со Собранието на Република Северна Македонија.

Ципрас се заблагодарил за изречената поддршка и го информирал Џафери дека претседателот на грчкиот парламент, Николаос Вуцис, ја прифатил поканата за посета на земјава и изразил надеж дека истата наскоро ќе биде реализирана. Воедно, грчкиот премиер изразил поддршка за формирањето на група за пријателство во Грчкиот парламент, која, како што рекол, ќе овозможи размена на идеи и искуства и зближување меѓу пратениците од двете држави, што ќе придонесе за зближување и на граѓаните од двете земји.

Ципрас упатил особени честитки до коалиционата влада и особено до претседателот Џафери како претставник на албанскиот елемент во земјата за соодветното претставување на неговите интереси, како и во однос на можноста за користење на албанскиот јазик како официјален јазик во Собранието.

Тој го уверил Џафери дека Грција ќе даде сериозна поддршка и ќе биде партнер од доверба во остварувањето на стратешките цели на земјава.

Како што информираат од кабинетот на собранискиот претседател, на средбата присуствувале и Атанасија Анагностопулу, алтернативен министер за надворешни работи на Грција и амбасадорот Димитрис Јанакакис, како и Ирена Стефоска, претседател на Пратеничката група на Собранието за соработка со грчкиот парламент и Андреј Жерновски, заменик-министер за надворешни работи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг