Видео: Ципрас пристигна на скопскиот аеродром

Макфакс

02/04/2019

10:10

2.464

Големина на фонт

а а а

Грчкиот премиер Алексис Ципрас пристигна на скопскиот аеродром, каде беше пречекан од владината делегација предводена од вицепремиерката Радмила Шекеринска.

Ова е прва официјална посета на грчки премиер во Република Северна Македонија.

Ципрас на платото пред Владата ќе биде пречекан со државни и воени почести, каде вчера, во пресрет на неговото доаѓање беше поставена табла со новото уставно име на државата.

Во Владата е предвидена тет-а-тет средба помеѓу двајцата премиери Заев и Ципрас кога ќе се разговара за триесетина прашања од повеќе области.

По средбата ќе се одржи и меѓувладиниот состанок, по што двајцата премиери ќе имаат заедничка прес-конференција. Во денешната агенда предвидено е грчкиот премиер да има средба и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Двајцата премиери попладне ќе го отворат Бизнис форумот каде ќе имаат свое обраќање.

Засега не се предвидени средби со претседателот Ѓорге Иванов, ниту пак со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во делегацијата што ќе го придружува Ципрас за време на посетата на Скопје, покрај министри во Владата, се и претставници на десетици големи и средни грчки компании. Поради посетата на Ципрас денеска од 9:30 до 20 часот ќе биде воведен посебен сообраќаен режим во поширокото централно подрачје на Град Скопје.



Спонзорирани линкови

Маркетинг