Шврговски: Незаконски е Мијалков да биде притворен веднаш само затоа што против него се водат повеќе постапки

Макфакс

26/03/2019

15:30

1.072

Големина на фонт

а а а

Бранителите на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков на денешната јавна седница на Апелацискиот суд ја образложуваа жалбата за одредениот притвор за Мијалков по донесената пресуда од 3 години казна затвор за случајот Титаник 2 кој се однесува на изборни нерегуларности.

Адвокатот Љупчо Шврговски рече незаконски и неосновано е изречена мерка притвор за Мијалков до извршување на затворската казна бидејќи досега не прекшил ниту една мерка која му била изречена од страна на судот.

- Со донесување на мерката притвор за Сашо Мијалков сторени се суштествени повреди. Опасноста од бегство судот ја има образложено со 1 реченица, тоа воопшто и не може да се нарече образложение. Не е дозволиво со такво образложение да се одреди притвор.

Тоа што судот го стори е незаконски и неосновано. Судот за човекови права во Стразбур вели дека мора да се дадат причини дека било која претходно изречена мерка е повредена, па потоа да биде дадена мерка притвор.

Шврговски истакна дека во македонската судска пракса за вакво дело каде казната затвор изнесува од 1 до 5 години не се случило да биде определено мерка притвор со образложение дека против обвинетиот се водат други постапки. Тој додаде дека и пресудата за овој предмет е бесмислена.

Адвокатот Петар Василев во целост се приклучи кон жалбата на другите бранители на Мијалков за изречената мерка притвор по што додаде дека мерката притвор е изречена од страна на неовластен совет, а пресудата е донесена врз основа на обвинение од новластен тужител и дека истата не е основана.

- Неовластениот тужител кој даде предлог пред неовластен судечки совет не образложи зошто притворот е неопходен. Одбраната не е виновна што неовластениот тужител поднел обвинение 25 дена подоцна од рокот кој му е предвиден во законот. СЈО воспоставил надлежност на 4.12.2015 а обвинителниот предлог го поднел на 29.6.2017. Дали пречекорување на роковите имаат растеглива димензја? Како што јас знам завршувањето на рокот значи смрт за одреден предмет, како што е и сега, рече Василев.

Обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи уште пред апелацискиот совет ги образложи барањата за притвор на Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими по што истакна дека при одредување на притворот не е направена суштествена повреда како и дека не се точни наводите на бранителите дека Судечкиот совет и обвинителството се неовластени за случајот.

- Законскиот рок за покренување на обвинение за овој случај Титаник 2 е исоочитуван. Не се точни наводите на одбраната дека обвинението е покренато 18 месеци по добивање на незаконски прислушуваните материјали и преземање на случајот, рече Фетаи.

Обвинителката како образложение за можно бегство на Сашо Мијалков ги наведе неговите контакти кои ги има создадено со оглед на тоа дека подолго време бил во тајните служби на државата.

Покрај жалбите за притворот на Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими, бранителите пред донесоа жалба и против одредените мерки на претпазливост против останатите осудени во случајот, Влатко Сајковски Сашо Срцев и Анета Стефановска.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи кој за случајот беше осуден на 3 години и 2 месеци затворска казна е единствениот кој не поднесе жалба за изречената мерка на претпазливост.

Мијалков: Контактите и имотот во странство ги имав и досега, не помислувам да бегам

Мојот имот во странство, престој во Чешка, и наводните мои контакти, ги имав и порано и сега. Под истите околности и веќе ми беше предложена мерка притвор , а овој суд не ги прифати и ми определи други мерки кои јас во изминатата година и пол ги почитував.

Тогаш пред овој суд дадов збор дека нема да помислам на бегство. Поминаа скоро две години такво нешто нема. Јас на тој збор и денес стојам, рече екс директорот на УБК Сашо Мијалков кој по изрекувањето на 3 годишната казна затвор за случајот Титаник 2, по барање на обвинителството му беше изречен и притвор до издржување на казната.

Бранителите на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков на денешната јавна седница на Апелацискиот суд ја образложуваа жалбата за одредениот притвор за Мијалков. Тие истакнаа дека притворот кој е изречен за Мијалков е незаконски и не основан односно дека од страна на обвинителството во барањето за притвор не биле изнесени никакви докази кои укажуваат на можноста Сашо Мијалков да се даде во бегство.

Апелацискиот суд по разгледување на изнесените наоди, најверојатно во текот на наредната недела ќе донесе одлука дали Мијалков до правосилност на пресудата ќе се брани од слобода или ќе остане во истражниот затвор во Шуто Оризари.



Спонзорирани линкови

Маркетинг