Утре пресуда за Чавков, Нинџа, Ченто, Југ и другите обвинети за крвавиот четврток

Макфакс

14/03/2019

09:52

1.143

Големина на фонт

а а а

Во Кривичниот суд во Скопје, утре, 17 обвинети ќе ја чујат пресудата на судечкиот совет што го води судијката Добрила Кацарска за предметот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за настаните од 27 април.

Обвинети во предметот останаа: Митко Чавков, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Игор Дурловски, Младен Додевски, Јане Чентo, Горанче Анѓеловски, Игор Југ, Влатко Трајковски, Вилијам Михајловски, Никола Митревски Кољо и Александар Василевски – Нинџа.

За кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, на обвинетите им се заканува казна затвор од минимум 10 години затвор. По донесувањето на Законот за амнестијата на Собранието, 15 лица беа помилувани и за нив беше прекината постапката. Меѓу нив беа и пратениците што ги отворија собраниските врати за да влезе толпата во законодавниот дом – Сашо Василевски и Крсто Мукоски.

За обвинетиот Сашо Марковски постапката се води раздвоено поради нарушената здравствена состојба. Обвинетиот ексдиректор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, ќе биде донесен од затворот „Скопје“, бидејќи кривичниот совет му определи 30-дневен притвор на барање на Обвинителството поради опасност од бегство.

Првото рочиште почна на 22 август, а судијката Добрила Кацарска закажуваше интензивни рочишта кои траеја и до доцна во ноќта, на кои беа испитани 40-ина сведоци и изведени голем број материјални докази.



Спонзорирани линкови

Маркетинг