Стариот Закон за СЈО не може да ги спаси осомничените од истрагите

Макфакс

08/03/2019

12:01

2.240

Големина на фонт

а а а

Aко Собранието до крајот на месецот го донесе новиот Закон за Јавното обвинителство, со кој се регулира и статусот на СЈО, осомничените во истрагите на ова обвинителство планираат пред судовите да се повикаат на начелото за задолжителна примена на поблагиот закон, т.е. на стариот Закон за СЈО, потврдуваат за „Макфакс“ некои од бранителите.

Ако судовите тоа го прифатат, тоа би значело дека осомничените би биле ослободени од кривично гонење.

Образложението е дека членот 22 од постојниот Закон за СЈО им оди во прилог на осомничените бидејќи има предвидено рокови за обвиненија и истраги кои се истечени.

Врховниот суд во решенијата за ослободување од куќен притвор на тројцата осомничени во случајот „Империја“, членот 22 од Законот за СЈО го толкува како процесна одредба, а не како материјална. Експертите по кривично право велат дека членот 22 од постојниот Закон за СЈО нема само процесна природа.

Академик Владо Камбовски за „Макфакс“ вели дека со процесна одредба не може да се ослободат осомничените од кривичен прогон и истрагите на СЈО може да продолжат.

„Спорно е дали членот 22 има материјален карактер. Излегува дека со тој член законодавецот како да дал амнестија. Има само неколку случаи кога може со материјален закон да се прости кривичното гонење. Тоа се: амнестија, застареност на делото и помилување. Не може со процесен закон да се даде амнестија“, вели академик Камбовски.

Тој додава дека Уставниот суд или Собранието преку автентично толкување на Законот може да пресече дали осомничените може да се повикаат на овој член како поблага законска одредба.

„Тоа би можело да го просече парламентот со автентично толкување на членот од Законот за СЈО или Уставниот суд. Ако се рече дека одредбата е процесна, тогаш вистинската волја на Собранието била амнестија. Значи, кој дотогаш е обвинет е обвинет, а кој не е, се амнестира“, додава Камбовски.

Министерката за правда, Рената Дескоска, е со истиот став дека поблагиот закон не може да важи за процесни права и дека треба да се земе предвид праксата на Европскиот суд за човекови права. „Има одлуки на Европскиот суд за човекови права. Забраната за ретроактивно важење на Законот освен ако е поповолен се однесува на висина и вид на казна, но не и на процесни права. Делата кои ги гони СЈО ниту се декриминализирани, ниту е дадена амнестија, така што новиот закон во склад со сите правни стандарди го регулира продолжувањето на постапките во која било фаза пред СЈО. Илузорно е дека некој може да се спаси од кривично гонење со Закон за обвинителство“, вели Дескоска.

Камбовски тврди дека за случаите кои се отворени по рокот определен со постојниот Закон за СЈО, нема пречка за водење постапка за конфискација на имот, ако има некаква имотна корист прибавена со кривично дело за кое повеќе не може да се води кривична постапка. „Тој член 22 не влијае на конфискацијата на имот. СЈО во оние случаи каде што не може да покрене обвинение може да поведе постапки за конфискација на имот“, вели Камбовски.

Барањето за автентичното толкување на членот 22 од Законот за СЈО кое го поднесе Јавното обвинителство на Република Северна Македонија најверојатно нема да добие мислење од Владата и да се најде како точка на дневен ред на собраниската законодавно-правна комисија, поради новиот предлог-закон за Јавното обвинителство. Власта очекува до 21 март овој закон да биде донесен.



Спонзорирани линкови

Маркетинг