Ќе пропадне барањето за автентично толкување на истрагите на СЈО

Макфакс

07/03/2019

14:20

2.109

Големина на фонт

а а а

Владата сè уште не испратила мислење до Собранието за барањето за автентично толкување на членот 22 од постојниот Закон за специјалното јавно обвинителство, потврдија од таму за „Макфакс“.

Од Владата велат дека течат роковите и доколку барањето пројде на владината комисија, ќе биде ставено на разгледување на следната седница на Владата.

Пратеничката Соња Мираковска, која претседава со законодавно-правната комисија, изјави за „Макфакс“ дека чека претседателот на Собранието да ја извести откако претходно ќе стигне мислењето за автентично толкување од Владата. Сепак, извори од Собранието за „Макфакс“ велат дека со оглед дека е усогласен новиот Закон за јавно обвинителство меѓу СДСМ и ДУИ, со кој се решава статусот на СЈО, Владата може да не испрати мислење до парламентот во законскиот рок, со што ова барање за автентично толкување не би се разгледувало.

Барањето за автентично толкување го поднесе државното јавно обвинителство по барање на Кривичниот суд кон средината на минатиот месец. Член на Законодавно-правната комисија, која треба да гласа за автентичното толкување на членот 22 од Законот за СЈО, во кој е регулиран рокот за истрагите, е и обвинетиот Ејуп Аљими, координаторот на ДУИ.

Во образложението на барањето пишува дека ообвинителствата и Кривичниот суд, членот 22 од Законот за СЈО го применуваат така што бидејќи се работи за две различни дејствија, рокот од 18 месеци се пресметува од последното дејствие од двата услова: преземање на предметите и преземање на материјалите во надлежност.

Материјалите од незаконското следење на комуникациите на СЈО му се предадени на 30.12.2015 година, а одредени предмети, веќе оформени во јавните обвинителства, беа преземани во различни временски периоди. Во овој случај рокот од 18 месеци се прсметува различно за секој предмет посебно, од денот на неговото преземање.

Според ЈОРМ, јасно е дека доколку целта на одредбата е рокот од 18 месеци да важи само од денот на прием на материјалите, немало во неа да се наведе како дејствие и денот на преземање на предметите. Правното мислење на Врховниот суд дека рокот од 18 месеци не може да биде пречекорен од денот на приемот на материјалите не е дел од законската одредба, ниту произлегува од нејзината и содржината на другите одредби во Законот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг