За само 20 месеци ги затворивме сите спорни прашања со соседите, посочи Османи на средбата со Рикер

Макфакс

04/03/2019

16:48

1.204

Големина на фонт

а а а

Вицепремиерите за економски и за европски прашања, Кочо Анѓушев и Бујар Османи, се сретнаа со Филип Рикер, идниот американски помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања.

Како што информираат од владината прес-служба, на средбата беа отворени теми за актуелниот политички контекст во кој се наоѓа државата, особено по успешното имплементирање на Договорот од Преспа.

„За само 20 месеци успеавме да ги затвориме практично сите отворени прашања со соседите, да го финализираме легислативниот дел од Охридскиот рамковен договор, притоа, во ниту еден момент не напуштајќи ја и реформската агенда за враќање на земјата на европскиот пат“, истакнал Османи на средбата, презентирајќи ги притоа резултатите од имплементацијата на реформите од планот 18, во пресрет на претстојниот извештај на Европската комисија, како и на јунските самити на Европскиот совет.

Вицепремиерот Анѓушев говорел за потенцијалите на земјата од политичкиот напредок.

„Перспективното отворање на преговори со ЕУ, а особено членството на Република Северна Македонија во НАТО, даваат стабилност и сигурност на земјата, што е силно охрабрување за домашните и странски инвеститори. Во 2018 година сведоци сме на рекордно ниво на странски директни инвестиции од над 624 милиони евра, додека Владата дополнително овозможи поддршка на околу 250 компании преку мерките од Планот за економски раст. Тоа значи дека станавме атрактивна дестинација за реномираните странски компании, но и за проширување на деловните активности на домашните компании, а позитивниот политички контекст ни дава раво да веруваме дека и во наредните години резултатите ќе бидат позитивни“, кажал Анѓушев за време на средбата со Рикер.

Рикер ги поздравил реформските процеси во државата, притоа нагласувајќи дека со потпишување на договорот од Преспа и договорот за добрососедство со Бугарија се надминуваат сите отворени политички прашања за земјата и дека со тоа се фаќа вистински правец за реализација на евро-атлантските аспирации.



Спонзорирани линкови

Маркетинг