Солскјер посочи еден натпревар од минатото кој ќе им даде мотив на фудбалерите за триумф над ПСЖ

Дерби

04/03/2019

11:29

1.493

Големина на фонт

а а а

Оле Гунар Солскјер ги охрабри своите фудбалери да не се откажуваат и покрај тоа што пред себе имаат речиси невозможна мисија, да го елиминираат ПСЖ од Лигата на шампионите.

Францускиот тим со 2:0 си замина од гостувањето на „Олд Трафорд“ па сега пред реваншот во Париз е огромен фаворит за следната фаза.

Сепак, Солскјер како секој врвен спортист не се откажува и покрај негативата истакнувајќи дека во фудбалот се случувале чуда. Норвежанецот го спомна натпреварот со Јувентус од сезоната 1998/99 кога „Ѓаволите“ ја освоија Лигата на шампионите.

Јуве по само десет минути имаше предност од 2:0 на свој терен и тогаш сите мислеа дека Манчестер Јунајтед ќе го положи оружјето во Торино. Сепак, во текот на натпреварот следуваше голем пресврт, Манчестер победи со 3:2, а на крај епилогот е познат, триумф и против Баерн во финалето од Лигата на шампионите.

- Мора да кажам дека тогаш се чувствувавме непобедливи. Иста е самодовербата и сега. Нашите играчи знаат дека се способни за нешто слично и ние зборувавме за тоа. Знаат дека се дел од специјален клуб кој може да направи нешто такво. Нема да одиме таму и да се предадеме, туку ќе одиме да го дадеме максимумот.

- На „Деле Алпи“ Јувентус постигна два гола во првите десет минути и наеднаш сите мислеа дека ние сме елиминирани. Но штом израмнивме и го добивме тој посакуван гол плус во гости бевме надмоќни.

- Така треба да биде и сега. Ние мора да постигнеме голови на натпреварот. Доколку постигнеме ран погодок, тогаш наеднаш ќе дојдеме само на еден гол негатива. Знаеме дека ќе биде тешко затоа што имаме и многу повреди, но ние сме група на луѓе кои сакаат да учествуваат во таков пресврт – коментираше Оле Гунар Солскјер пред најтешкиот предизвик оваа сезона.



Спонзорирани линкови

Маркетинг