Џафери не ја повлекува ќерката од ЕЛЕМ, ќе чека одлука од антикорупциската комисија

Макфакс

27/02/2019

16:42

1.250

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, не сака да го послуша повикот на премиерот Заев за повлекување на роднините и блиските членови на семејствата на функционерите вработени во државни институции.

На брифинг со новинарите Џафери рече дека не било ред партиите или поединците да одлучуваат за ова, туку имало комисија надлежна за прашања поврзани со непотизам и судир на интереси. Тој пред новинарите го цитира членот 9 од Уставот, каде што стои: „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“.

Пред неполн месец антикорупциската комисија по допрен глас отвори предмети за 18 лица, роднини на функционери што изминатиов период се вработиле во државни институции, а меѓу кои е и ќерката на собранискиот спикер, Бесија Џафери, вработена во ЕЛЕМ. При изборот на новиот состав на ДКСК во јавноста се отвори и прашањето за релацијата на Џафери со еден од членовите, Нури Бајрами, со кого е баџанак, но комисијата едногласно одлучи дека во случајот нема судир на интереси.

Под притисок на јавноста некои од пратениците најавија дека нивните роднини се повлекуваат од работните места, меѓу кои мајката на пратеникот Костадин Костадинов, дедото на Александар Кирацовски, синот на Горан Мисовски, братот и сопругот на Мира Стојчевска. Од функционерите на ДУИ досега ниту еден не кажа дека ќе бара повлекување, а министерот за економија, Крешник Бектеши, чија сестра се вработи во МЕПСО, рече дека нема намера да влијае таа да се повлече од работното место.



Спонзорирани линкови

Маркетинг