Русковска: Амнестираните и тоа како знаат дека се виновни, со законот не уценија сите нас како граѓани на оваа држава

Макфакс

21/02/2019

20:52

2.562

Големина на фонт

а а а

Обвинителката Вилма Русковска на денешното рочиште за „крвавиот четврток“, на критиките од бранителите во завршните зборови за обвинението и амнестија, рече дека иако дел од обвинетите биле амнестирани тоа не значи дека не се виновни, туку напротив барањето за амнестија ја потврдува нивната вина.

– Да, лицата беа амнестирани ама ние немаме амнезија. Тоа што некој беше амнестиран не значи дека не е виновен. Напротив. Нивното инсистирање по секоја цена да се донесе законот за амнестија значи само едно. Амнестираните и тоа како беа свесни колку се виновни. Со тој закон не уценија сите нас како граѓани на оваа држава, рече Русковска. 

Обвинителката исто така имаше коментар и на завршните зборови на Јане Ченто кој кажа дека од обвинителството му било понудено да биде заштитен сведок во случајот. На ова Русковска одговори дека тоа не е точно. Напротив, голем дел од обвинетите сами се нуделе да бидат сведоци, но сите биле одбиени. Таа додаде дека единствениот заштитен сведок во случајот не бил осомничен ниту пак обвинет за „крвавиот четврток“. 

– Обвинителството од ниту еден обвинет ниту пак до Јане Ченто не побарало да биде сведок во постапката. Адвокатот на Ченто во завршните зборови во недостаток на докази додаде историски момент. Обвинението на неговиот клиент го спореди со неправедно осудениот Методија Андонов Ченто. Тоа што Ченто бил неправедно осуден не значи дека 7 негови колена нанапред не треба да одговараат за ништо, рече Русковска. 

Шефицата на обвинителството за организиран криминал имаше коментар и на завршните зборови на бранителот на Мунир Пепиќ кој кажа дека упадот во Собранието не било терористичко загрозување на уставниот поредок, туку парламентарна демократија. На ова Русковска одговори со зборовите „парламентарна демократија бара мирно предавање на власта“. 

По овие зборови на Русковска, неколку бранители и обвинети се пријави за збор поради што завршните зборови ќе продолжат утре кога и претседателката на судечкиот совет треба да даде датум за рочиште на кое ќе бидат изнесени пресудите за обвинетите за 27 април.



Спонзорирани линкови

Маркетинг