Прашање на војна или мир! Јункер: Ако западен Балкан не влезе во ЕУ, ризикуваме враќање во 90-тите

Точка

21/02/2019

21:19

4.270

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, во Брисел изјавил дека земјите од Западен Балкан треба да имаат реална перспектива за членството во ЕУ, бидејќи во спротивно, предупредил, постои ризик од враќање на 90-тите години од минатиот век.

"Ако тие земји не станат членки на ЕУ ризикуваме враќање на 90-тите години. Мислам дека станува за прашање на војна или мир", рекол Јункер на вчерашната заедничка конференција за новинари со словенечкиот претседател Борут Пахор, со кој разговарал за перспективата за членство на земјите од Западен Балкан. 

Тој додал дека ќе направи се да дојде до состанок на Иницијативата Три мориња, која ја организира словенечкиот претседател на почетокот на јуни во Љубљана.

"Во целост ја поддржувам таа иницијатива", рекол Јункер кој минатата година учествувал на самитот на иницијативата во Букурешт.

Зборувал и за изјавата на претседателот на Европскиот парламент, Антони Тајани за "италијанската Истра и Далмација", наведувајќи дека Тајани "има право што се извинил".

Од друга страна, Пахор му се заблагодарил на Јункер на поддршката која ја дава за таа иницијатива и најавил дека ќе го повика и германскиот претседател на самитот.

Зборувајќи за европската перспектива на Западен Балкан, Пахор посебно зборувал за Босна и Херцеговина, за која рекол дека е случај "sui generis", но дека не значи дека треба да и се попушта по прашањето за исполнување на критериумите за европска интеграција.

Иницијативата Три мориња изворно е хрватско-полски проект, започнат во 2016-та година на состанок во Дубровник, со цел зајакнување на трговската, инфраструктурната, енергетската и политичката соработка на просторот меѓу Јадранското, Балтичкото и Црното море.

Иницијативата е замислена како неофицијална платформа за обезбедување на политичка поддршка и делување на конкретни проекти, а собира 12 земји на ЕУ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг