Притвор за 11 членови на криминална група, разработиле шема за шверц на мигранти од Грција кон Србија

Макфакс

16/02/2019

12:25

3.077

Големина на фонт

а а а

Единаесет членови на криминална група кои што разработиле шема за шверц на мигранти од Грција, преку земјава, кон Србија, завршија во притвор. Истрагата започнала уште во мај минатата година, а финализираше деновиве со масовни претреси и апсења.

Станува збор за 20-члена група, а на дел од припадниците им се изречени мерки на претпазливост, информираат од полицијата.

Обвинителството претходно информираше дека осомничените се на возраст од 20 до 40 години од кои едно лице е полициски службеник од Секторот за внатрешни работи Штип.Криминалната група, за сума од 150 до 300 евра по лице – илегален мигрант, вршела пренесување на мигрантите преку различни места за средба, однапред планиран број и видови возила и договорени рути, се до Кумановско-липковскиот Регион, селата Ваксинце и Лојане кон територијата на Република Србија и државите на Европската Унија.

Како што информира МВР, вчера била спроведена координирана полициска операција со цел расчистување на кривични дела кои се однесуваат на организирање на група за вршење на кривични дела криумчарење мигранти кои преку грчко-македонската граница влегувале во земјава, по што биле прифаќани од членовите на криминалната група, кои ги превезувале до кумановско-липковскиот регион.

,,Криминалистичката истрага над организираната 20-члена криминална група со дефинирана структура и строга хиерархиска поставеност се спроведуваше од мај 2018 година, како и над еден полициски службеник кој ја помагал криминалната активност на групата”, информира МВР.

Поднесена е кривична пријава против вкупно 21 лице, и тоа: Ќ.Н.(32), Ќ.М.(29), И.А.(38), С.М.(31), А.А.(33), Е.Г.(31), М.И.(47), У.М.(33), Ш.Е.(26) М.М.(27), Ј.Д.(42), Е.С. (30), M.E. (23), Е.О. (23), Е.Н.(28), А.М. (29), Џ.Б.(23), И.Р.(27), Љ.М.(42), Х.А.(48) и Љ.Т.(58) за „рганизирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ , „криумчарење на мигранти“ и за „помагање“ во врска со истото кривично дело.

,,Ќ.Н., Ќ.М. и И.А. заедно со организаторите задолжени за прифаќање и превезување на илегалните мигранти С.М. и А.А., со умисла и од користољубие, а со цел стекнување на противправна имотна и материјална корист, организирале криминална група во земјава, која од средината на 2018 година досега, организирале криумчарење на илегални мигранти кои биле пренесувани илегално од Грција преку т.н. „зелена граница“ во околината на Дојран и Гевгелија. Оттаму со помош на водичи мигрантите биле носени на претходно договорени локации, од каде се вршело нивно прифаќање од страна на лицата членови на групата со товарни и со патнички моторни возила. Илегалните мигранти биле превезувани до кумановско-липковскиот регион, односно во селата Ваксинце и Лојане, каде биле времено сместувани и засолнувани во објекти на соработниците на криминалната група, а потоа криумчарени преку македонско-српската граница. Најголем број од лицата илегални мигранти кои биле криумчарени од страна на групата биле по потекло од Aвганистан, Пакистан, Ирак, Бангладеш и други земји од Блискиот и Далечниот Исток, кои претходно престојувале на територијата на Грција.

Организираната криминална група, при реализирање на криумчарењето на илегалните мигранти, користела и повеќе други лица во својство на помагачи и соработници на криминалната група. С.М. остварувал контакти и средби со полициски службеник, со цел добивање на известувања за поставеноста на полициски патроли, контроли или заседи, како и информации за тоа дали криминалната група е предмет на истрага во МВР и насоки како да го прикријат нивното криминално делување”, се вели во соопштението.

Извршени биле претреси во 20 објекти во Скопје, Штип, Радовиш и Струмица, по што се приведени л16 лица, а еден е на издржување на казна затвор за сторено кривично дело по член 418-д. При претресите пронајдени и привремено одземени се 12 патнички моторни возила, 46 мобилни телефонски апарати, 36 сим картички, 17 држачи за сим картички, бела прашкаста материја, марихуана, пиштол кал.9 мм, воздушна пушка кал.4,5 мм ЦЗ, 112 куршуми, 5770 евра, 197.000 денари, 105 американски долари, 100 швајцарски франци во различни апоени, нотеси со телефони и податоци за лица, документи за патување во Грција и други документи.

Пријавените се изведени пред судија на претходна постапка, од чија страна е одредена мерка притвор на 11 од кривичнопријавените лица и тоа на Ќ.Н., Ќ.М., И.А., Е.Г., Х.А., Е.Н., Љ.М., А.М., Ш.Е.,М.Е. и Е.О.. На останатите им е одредена мерка на претпазливост.



Спонзорирани линкови

Маркетинг