„Специјал“ им подели крофни со рок до утре на учениците во „Димитар Миладинов“

Макфакс

15/02/2019

21:39

6.049

Големина на фонт

а а а

Принцес-крофни со рок на траење до утре им биле поделени денеска како ужинка на учениците во ООУ „Димитар Миладинов“ во скопски Центар. Дел од дечињата ги изеле, но дел од нив само ги пробале, оти вкусот им бил чуден и се пожалиле на родителите.

„Ја пробав крофната на син ми, беше кисела па тоа нè натера да го видиме и рокот. Пишува дека е употреблива до 16.02.2019 година. Вакви игри со здравјето на децата нема повеќе да толерираме“, се пожали родител.

Родителите вечерва се организираат да го пријават случајот во Агенцијата за храна и ветеринарство. Нагласуваат дека ова не е прв случај децата да се пожалат од храната поради што веќе барале да се раскине договорот со „Специјал“, но од училиштето им одговориле дека нема услови за раскинување и избор на нов оператор.

Маја Ангелова, директорка на ООУ „Димитар Миладинов“, вечерва не знаеше за крофните со рок до утре, но најави дека ќе провери каква храна им била послужена на учениците денес.

„Затечена сум од оваа информација. Не знам за што се работи. Јас денес бев на обука и еве во моментов влегувам дома. Ќе проверам уште веднаш за што се работи и кога ќе имам релевантни информации ќе ги споделам“, изјави директорката Ангелова за „Макфакс“.

Таа не кажа дали е пракса училиштето да дели храна со само еден ден рок на траење.

Од „Специјал“ беа недостапни да објаснат како се случило кај децата да завршат крофни еден ден пред истекот на рокот. Вработените кои одговараат на телефонските броеви во пекарниците велат дека надлежни за изјави се управителите, но вечерва не се на работа. Тие објаснија дека вообичаено принцес-крофните што ги прават имаат рок од една недела оти се прават со млеко и јајца.

Оваа пекарница многу често дава принцес-крофни на подарок ако се купи кој било друг нивен производ.

„Специјал“ склучи договор со училиштето „Димитар Миладинов“ непосредно по скандалот со стаорецот што се шеташе по масите во една од пекарниците по што беше извршена контрола во сите нивни локали.

Заблешки за храната од оваа пекарница имаа и други школи од Скопје, а дел од нив успеаја и да ги раскинат договорите и да ангажираат други снабдувачи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг