Мицкоски во Брисел: На соговорниците им објаснив дека Заев сака да ги украде претседателските избори

Макфакс

04/02/2019

19:21

968

Големина на фонт

а а а

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, придружуван од потпретседателот Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка, Тимчо Муцунски, денеска и утре се дел од политичкото собрание организирано од Европската народната партија во Брисел во рамките на Европскиот парламент.

Мицкоски на маргините на политичкото собрание оствари повеќе разговори и билатерални средби, меѓу кои и со eвропратениците Едвард Кукан и Милан Звер.

„Имав можност да ги запознаам моите соговорници за сите оние неуспеси во Република Македонија, за вистинската реалност и секојдневие во Република Македонија во економијата, во образованието, за сите оние криминали во здравството, за сите оние криминални иновации што ни беа секојдневие во изминатиот период. Но, она што најмногу ги загрижи моите соговорници, мене, но и сите граѓани во Република Македонија, е што практично Република Македонија повеќе не е правна држава и Република Македонија не е држава во која владее правото. Практично, се тргува со правото и правдината за реализирање политички амбиции“, истакна лидерот на опозициската партија.

Мицкоски посочи дека има основани сомневања дека ваквото владеење на власта може да резултира со нерегуларности и фалсификување на претстојните избори.

„Ги запознав моите соговорници за нашите стравувања дека Зоран Заев, бегајќи од предвремени избори, сака да ги украде претседателските, односно истовремено сето она што се случуваше изминатиот период да биде еден определен вид доказ за неговите намери да ги украде претседателските избори. Организирањето фер избори мора да стане услов за напредок на европските интеграции“, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг