Ниска транспарентност на претпријатијата во државна сопственост

Макфакс

30/01/2019

11:11

903

Големина на фонт

а а а

Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето Транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост, според кое оценката е дека транспарентноста е ниска.

Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Засилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис-сектор“, финансиран од Европската Унија.

Имено, просечното ниво на транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост, односно исполнувањето на законските обврски и добрите стандарди, изнесува само 28 проценти од можни 100 отсто. Според истражувањето на невладиното здружение, ниту едно од 30-те најголеми претпријатија во државна сопственост, чии вкупни годишни приходи надминуваат 700 милиони евра, нема високо или солидно ниво на транспарентност (исполнување на обврските над 60 отсто).

„Исполнети се услови за разрешување на 18 директори на јавни претпријатија, од кои 6 основани од Владата, а 12 од локалните власти, поради необјавување извештаи од работењето. Претпријатијата основани од Владата имаат просечно ниво на транспарентност од 31 процент, а претпријатијата основани од општините 27 отсто“, се меѓу клучните наоди од истражувањето.

На врвот на ранг-листата, според анализата, со највисоко ниво на исполнување на обврските, и тоа од само 52 проценти, е ЈП за државни патишта, а на дното со 0 проценти се наоѓа АД Градски трговски центар.

Речиси половина од претпријатијата ги немаат објавено ниту имињата на членовите на управните и на надзорните одбори. Ниту едно претпријатие основано од Владата или од општините не објавува информации за седниците на управните одбори. Обврската за задолжително објавување на плановите за јавни набавки со сите измени и дополнувања не ја почитуваат дури 67 проценти од претпријатијата, заклучува Центарот за граѓански комуникации.