Децата заболени од морбили се во стабилна состојба

Макфакс

25/01/2019

16:49

738

Големина на фонт

а а а

Директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ, и директорката на Клиниката за детски болести, Катарина Ставриќ, одржаа заедничка прес-конференција на која информираа дека за едно деноноќие на Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се 2 нови случаи со морбили (мали сипаници).

Тие пред новинарите истакнаа дека во моментов на клиниката има вкупно 20 пациенти со потешка клиничка слика предизвикана од ова заболување. Засега, има само едно дете кое било со полоша клиничка слика, но според најновите информации, од утринава неговата состојба е стабилизирана.

„Од вчера имаме 2 нови случаи на заболени деца од морбили на Клиниката за детски болести, од хемато-онколошкото одделение. Нивната состојба е стабилна и под контрола. Претходно имавме едно дете, кое е пуштено на домашно лекување и е здраво. Во текот на ноќта нивната состојба будно беше следена од лекарскиот тим и сите деца се соодветно третирани“, изјави директорката на Клиниката, Катарина Ставриќ. Мерките за спречување на ширење на болеста во рамките на Клиниката континуирано се преземаат.

Директорката на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби, Милена Ставриќ, апелираше до родителите да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство и кога ќе се посомневаат во симптоми на болеста, прво и задолжително да посетат матичен лекар, а по 19:30 часот да отидат во дежурните пунктови „Ѓорче Петров“, „Јане Сандански“ и „Бит-пазар“. Овие пунктови за време на викендот работат 24 часа.

„Вакцинацијата мора да продолжи и уште еднаш апелираме сите граѓани кои не се сигурни во својот вакцинален статус или родители кои имаат невакцинирани деца, да се вакцинираат во најбрз можен рок“, потенцираше директорката Стевановиќ.

Пред новинарите беше посочено дека бројот од 4.200 вакцинирани од почетокот на епидемијата од морбили зборува дека граѓаните ја сфатиле сериозноста на препораките од Комисијата за заразни болести.

„Напоменувам дека бројот на вакцинирани со МРП треба да е барем двојно поголем, со цел да се спречи уште поголем број на заразени. Колку е помал бројот на заболени, толку е помал и ризикот од несакани последици и компликации“, рече Стевановиќ.ж

Додаде будно ја следат состојбата со епидемијата и ја држат под контрола. Благодарение на навремено прогласување на епидемија, како што рече, и конкретните мерки кои веднаш биле преземени, се спречило побрзо ширење на болеста, а бројот на заболени засега е сè уште низок.



Спонзорирани линкови

Маркетинг