Мицкоски: Владата да прогласи вонредна состојба поради загадувањето

Макфакс

21/01/2019

17:29

796

Големина на фонт

а а а

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски преку видео обраќање, побара од Владата да прогласи вонредна состојба поради загадувањето.

Тој оцени дека состојбата со загадениот воздух е алармантна и се губат човечки животи, а Владата презема бледи чекори како маска за да се покрие неспособноста.

„Потребно е прогласување на вонредна состојба, за да се заштити здравјето на граѓаните. Владата да престане со празната демагогија и таа има обврска да го заштити здравјето на граѓаните преку спроведување на примарни и секундарни мерки предложени од научната јавност“, порача Мицкоски и додаде дека последиците од несправувањето на власта со проблемот, се преполни болници, деца и повозрасни кои страдаат од респиратнорни заболувања и изгубено здравје.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека институциите треба да започнат суштински да се справуваат со проблемот, веднаш и без одложување. Секој поминат ден, вели Мицкоски, без решавање на проблемот подразбира нарушено здравје и загубени животи. Според него, тоа што Македонија се наоѓа на првото место по најзагаден воздух во светот, подразбира дека сите мерки на институциите се неадекватни и несуштински.

Претседателот на најголемата опозициска партија предлага целокупна мобилизација на стручниот и научен потенцијал на државата, како и барање помош од странски експерти и користење на нивното искуство со справување на ваков тип проблем.

Одговорите и решенијата, вели Мицкоски во обраќањето, треба да ги даваат експерти, но и да се има политичка волја истите да се спроведат.



Спонзорирани линкови

Маркетинг