Мицкоски бара распуштање на парламентот и вонредни избори

Макфакс

11/01/2019

20:04

2.116

Големина на фонт

а а а

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од пред партиското седиште побара распуштање на парламентот и вонредни избори по финалното гласање на уставните измени во Собранието.

Според него, Македонија ќе продолжи да губи, доколку социјалдемократите останат на власт, па затоа порача дека тие мора да заминат. 

„ВМРО-ДПМНЕ бара распуштање на парламентот и организирање на нови предвремени парламентарни избори. На овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, а волјата на граѓаните ќе биде испочитувана. Народе, вие давате и земате власт. Потребни се избори на кои ќе падне Заев“, рече Мицкоски. 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој денеска свика итен состанок на Извршниот партиски комитет, истакна дека тие не ја поддржуваат промената на Уставот со цел промена на идентитетот, културата, историјата и името, што е темел на партиската програма. 

„ВМРО-ДПМНЕ смета дека промената на уставот, со цел промена на уставното име, се направи противуставно и противзаконски, по пат на притисоци, пазарења и закани. За нас е значајно што одлуката ја донесе 81 пратеник, но не и македонските граѓани. Со ваквата одлука се супспендира волјата на граѓаните. Со Договорот од Преспа се нанесува штета врз сегашните и идните генерации. Ќе сториме се што можеме во иднина да ја исправиме неправдата“, рече Мицкоски. 

Денешното гласање во Собранието, Мицкоски го опиша како „црн петок“ и додаде дека Македонија ќе победи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг