Шилегов за 13 илјади евра ќе го истражува мислењето на граѓаните

Макфакс

11/01/2019

16:14

267

Големина на фонт

а а а

И покрај тоа што стана градоначалник на Скопје пред повеќе од една година, Петре Шилегов допрво ќе го истражува мислењето на граѓаните за градските проблеми и политики. Градот Скопје распиша оглас за 13 илјади евра. За овие пари треба да бидат направени осум телефонски анкети во период од една година, врз репрезентативен примерок од најмалку 1000 полнолетни испитаници.

„Целта на истражувањето е да го истражи мислењето на граѓаните на Град Скопје во однос на градските проблеми и политики, како и да овозможи квантитативно толкување низ одредена временска рамка“, се вели во огласот кој денеска беше објавен.

Шилегов по преземањето на функцијата градоначалник се соочи со голем број критики од јавноста, почнувајќи од несоодветното справување со енормната загаденост, нерешавањето на проблемот со бездомните животни, нереализирани проекти кои ги вети во изборната програма, критики претрпе и во однос на неможноста да се справи со наездата од комарци во текот на летниот период, големите трошоци за украсување на главниот град за новогодишните празници и многу други. Последниот гаф Шилегов го претрпе пред еден месец, кога медиумите го „уловија“ како игра игра на својот мобилен телефон додека во Собранието се расправаше за загадувањето.

Сега, со последниот оглас што го распишува градот, испитаниците ќе одговораат на 50 прашања поврзани со градските политики.



Спонзорирани линкови

Маркетинг