Ирена Ивиќ, возачка на автобус од Милвоки, станала херој во Америка откако спасила едногодишно дете, кое само талкало по улиците.
Ирена додека возела забележала дете како босо трча по тротоарот, а било облечено само во боди. Детето плачело, а Ирена го запрела автобусот, излегла надвор и го земала во раце.
„Ох, Боже, се тресам“, рекла Ирена, а истото го повториле и некои патници во автобусот.
Видно вознемирена го внела детето во автобусот, а останатите патници ѝ помогнале да го стопли. Повикале помош, а бебето заспало во рацете на храбрата Ирена, додека ја чекале полицијата.
Подоцна е утврдено сека мајката го оставила босо детето на улица, а социјалните служби се погрижиле детето да го земе таткото. За Ирена, која потекнува од Прокупље, денеска пишуваат сите американски медиуми.
„Среќна сум што можев да му помогнам на детето“, скромно рекла храбрата возачка.
„Prokuplje na dlanu“ пренесува дека Ирена во својот роден град до 1999-та година работела како негователка, а потоа одлучила да побара подобар живот. До 2005-та година повремено престојувала во Америка, не го знаела јазикот, а зелениот картон наводно го добила на лотарија.
По доаѓањето најпрво возела камион, потоа школски автобус, а на крајот пред две години добила постојана работа во градскиот превоз.
„Во Србија мојата сестра речиси не возеше воопшто. Потоа, откако отиде во Америка, меѓу останатото, морала да го научи и тоа. Кога видов што направила, плачев. Навистина е емотивна човечка приказна во која некој кој ми е многу близок покажал хуманост и човечност“, рекол нејзиниот брат, Дејан Дробњак, истакнувајќи дека е горд на својата сестра.
Додал дека секогаш била борец и хуманист, а бидејќи во Америка не можела да работи како негователка, постигнала максимум во работата со која се занимава.
„Животот ќе те научи на сè. А тогаш кога ќе се избориш за своето место под сонцето, природно е да им помогнеш и на другите. Горд сум на својата сестра“, рекол тој.