Џафери: Не е точно дека тројца пратеници се држат заклучени во Собранието

Макфакс

10/01/2019

16:58

1.800

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги демантира информациите изнесени од лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, дека претставници од американската амбасада, по налог на американскиот амбасадор, Џес Бејли, држат тројца пратеници заклучени во Собранието.

„Се работи за класична дезинформација, со цел да се нанесе штета на угледот на Собранието и на процесот на ЕУ и НАТО интеграциите на Република Македонија. Во Собранието на Република Македонија секој пратеник одлучува сам, според своето убедување и нема, ниту ќе има притисоци врз народните избраници и нивното движење е слободно“ се вели во писмената изјава на Џафери.

Во неа се додава дека 75. седница на Собранието се одвива според воспоставениот ред како и за секоја друга седница.

Седницата за уставните измени, која беше закажана за 13 часот, па одложена, денеска може и воопшто да не се одржи. Неофицијално, се остава простор за уште еден обид за постигнување договор на премиерот Зоран Заев со Беса на Биљаљ Касами откако претпладнево не успеале да најдат решение за прецизна формулација на државјанството, како што бараат од оваа албанска опозициска партија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг