Антикорупциска ќе се формира пред претседателските избори

Макфакс

09/01/2019

16:29

163

Големина на фонт

а а а

Законот за спречување корупција и судир на интереси се очекува да биде изгласан пред претстојните претседателски избори, соопшти денес владиниот портпарол, Мухамед Хоџа. Предлог-законот за спречување корупција, по уставните измени, со европско знаменце ќе биде вратен во Собранието.

„На последната владина седница за 2018 година, Владата донесе одлука да го повлече законот за спречување корупција и конфликт на интереси со цел истиот закон да се врати во собраниска процедура со европско знаменце. Тоа значи законот побрзо да биде усвоен како дел од европските закони. Очекуваме овој закон да биде усвоен пред претседателските избори“, рече портпаролот Хоџа.

Од Владата очекуваат и опозицијата, која има сериозни забелешки на предлог-законот, да учествува во неговото донесување. Опозицијата поднесе 27 амандмани на законот, а забелешките во најголем дел се однесуваат на контролата на финансирањето на политичките партии.

Предлог-законот предвидува и нов начин на избор на Антикорупциската комисија, односно место Собранието да ги назначи, антикорупционерите ќе се бираат на јавен оглас што ќе го распише комисија формирана од претставници на народниот правобранител, на невладини организации и по двајца претставници од опозицијата и од власта.

Од Владата велат дека предлог-законот веќе има позитивно мислење од Европската комисија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг