Стоилковски: Зоране, замислен монарху, излези на ТВ-дуел со Мицкоски

Макфакс

17/12/2018

14:57

731

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ повторно го повика премиерот Зоран Заев на телевизиски дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Зоране Заев, замислен монарху, излези на ТВ-дуел со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, соочи се со опозицијата, соочи се со критиката, со вистината за штетните политики што ги спроведуваш, со девастацијата во која ја туркаш Република Македонија“, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека нема гранка, нема сектор, нема дејност во македонското општество што не се чувствува излажано и втурнато во темница.

„Криминогената власт на аболираниот Зоран Заев севкупно ја погази македонската економија, со намера да го држат општеството во заложништво. Едно Евро Заев знае дека економски силна држава е достоинствена држава и нема да биде подложна на сите обмислени неправди, омаловажувања и национални понижувања што ги предизвикува оваа хунта на власт предводена од аболиран политичар врз македонското општество и држава. Петпроцентниот раст на економијата е најголемата црна лага – нема инвестиции, нема нови работни места, нема реализација на капитални проекти, економијата не мрда. Земјоделството го уништија, останаа плодовите без пласман, а земјоделците без пари. Ја покачија акцизата за три денари, го поскапеа горивото, лебот поскапува, а во својата забеганост ќе речат дека поскапел само најевтиниот леб и дека немаат намера да реагираат. Ете таков е односот на оваа однародена власт“, рече Стоилковски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг