Салвини без влакна на јазикот: Макрон е лабораториски производ создаден да го одржува системот

Точка

10/12/2018

20:53

3.519

Големина на фонт

а а а

"Кризата со Жолтите елеци покажува дека Французите сфатија дека нивниот претседател Емануел Макрон е "производ од лабораторија" создаден да го одржува постоечкиот систем", оценил денес италијанскиот потпретседател на владата и лидер на екстремно десничарскта партија Лига за север, Матео Салвини.

"Сега изгледа очигледно дека Макрон е лабораториски производ создаден да ја блокира единствената промена која беше на повидок", рекол Салвини, не споменувајќи ја директно својата француска сојузничка Марин Ле Пен. 

"Се сеќавам дека пред само неколку месеци, Макрон беше шампионот на новата Европа за цела италијанска левица. Тој беше новиот гениј на Европа, новиот спасител на Европа...Повторно левицата во Италија погреши", рекол Салвини.

Салвини, кој е и министер за внатрешни работи, рекол дека ги разбира економските, социјални и културни причини кои ги предизвикале протестите во Франција, изразувајќи надеж дека демонстрантите ќе дојдат до своите конкретни цели.

Италијанскиот министер, исто така, осудил секаков вид на насилство.

"Кога некој фрла молотови коктели на припадниците на силите за безбедност, јас сум на страната на редот, а кога се прават запаливи барикади, јас сум тој од другата страна кој ќе ги дочека оние кои ги поставиле", додал Салвини.

Макрон вечерва треба да зборува пред нацијата за решавањето на кризата со Жолтите елеци, а тоа француските медиуми го опишуваат како негов најважен говор од доаѓањето на власт во мај 2017-та година.




Спонзорирани линкови

Маркетинг