Кој е новиот шеф на Интерпол? Убедливо го победил кандидатот близок на Путин, ова се неговите први зборови откако е избран

Точка

21/11/2018

17:46

2.959

Големина на фонт

а а а

Интерпол на местото нов претседател го избрал 57-годишниот Ким Јонг Јанг од Јужна Кореја, по гласањето на Генералното собрание во Дубаи.

Ким во изборната трка го победил ветеранот на руските безбедносни служби, Александар Прокопчук, на чиј избор остро се спротивставиле САД, Велика Британија и други европски држави. Победата на Ким покажува дека освоил најмалку две третини од гласовите на Генералното собрание, поточно 60,5 проценти од гласовите. 

"Нашиот свет се соочува со промени без преседан, кои претставуваат големи предизвици за нашата безбедност. За да ги надминеме, потребна ни е јасна визија: мора да градиме мостови на иднината", рекол Ким на Генералното собрание.

Ким Јонг Јанг до денешниот избор бил вршител на должноста претседател и потпретседател на Интерпол. На новоизбраната функција ќе служи во наредните 2 години, до 2020-та, кога завршува четиригодишниот мандант на неговиот претходник, Менг Хонгвеј, кој бил притворен во Кина во рамките на антикорупциската чистка.

Јужнокореецот работел во полиција повеќе од 20 години пред да се пензионира во 2015-та година. Бил на чело на полицијата на најнаселената покраина во Јужна Кореја - Кјонги До.

Мун Џае Ин, претседател на Јужна Кореја, му честитал на Ким за тоа што станал прв Јужнокореец кој се наоѓа на чело на Интерпол.

"Многу сме горди. Јас, заедно со нашите луѓе, праќам честитки", напишал Џае Ин на Твитер.

Клучен момент за Интерпол

Претходно САД и Велика Британија го поддржале Ким Јонг Јанг за местото шеф тврдејќи дека рускиот кандидат, генерал-потполковник Александар Прокопчук ќе им служи на интересите на Кремљ. Москва соопштила дека тука станува збор за некој вид на потерница, со цел пресметка со политички противници и побегнати дисиденти.

Интерпол, како што истакнува "AP", се соочил со клучен момент во својата историја, бидејќи нејзините членови одлучувале дали го предадат мандатот на Прокопчук или Ким, единствените кандидати за функцијата директор на таа организација.

Прокопчук ќе продолжи да работи како потпретседател на оваа полициска организација за Европа, рекла портпаролката на руското министерство за внатрешни работи, Ирина Волк.

Според нејзините зборови, Пркопчук, шеф на централното биро на Интерпол при Министерството за внатрешни работи, ќе продолжи да ја врши должноста потпретседател на оваа меѓународна организација за Европа. Тој на таа функција се наоѓа од 2016. година.

"Тежиштето на неговата работа, како и до сега, ќе биде на засилувањето на позицијата на Интерпол во меѓународната полициска заедница и зголемувањето на ефикасноста на активностите на оваа организација", рекла таа.

Со седиште во Лион, Интерпол е славен, пред се по своите црвени потерници, кои ги идентификуваат осомничените по кои трага друга земја, ставајќи ги тие лица на листата најбарани на светот. Неговата работа е насочена на јавна безбедност, тероризам, организиран криминал, воени злосторства, производство и продажба на дрога, шверц на оружје, трговија со бело робје, перење на пари, детска порнографија, економски криминал, сајбер криминал и корупција.



Спонзорирани линкови

Маркетинг