СЈО: Јанакиески и Божиновски се во притвор поради сознанијата дека планираат бегство

Макфакс

17/11/2018

14:14

2.695

Големина на фонт

а а а

На поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, им е определен 30-дневен притвор поради сознанијата дека двајцата обвинети во „Титаник“ планирале бегство, појаснува специјалното јавно обвинителство.

„Во врска со решенијата на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје со кои им се определени мерки притвор на обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, во рамки на предметот познат во јавноста како ‘Титаник’, ѝ појаснуваме на јавноста дека опасноста од бегство кај двајцата обвинети е констатирана од страна на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје со решенијата донесени уште на 2 јули 2017 година кога на обвинетите им се определени мерки на претпазливост – одземање на патните исправи за преминување на државната граница и дипломатските патни исправи, како и обврска истите да се јавуваат секој работен петок во судот“, велат од СЈО.

Од таму додаваа дека на нивен предлог, Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје, имајќи ги предвид сознанијата дека обвинетите планираат бегство како околности кои укажуваат на основана опасност за нивно бегство, констатира дека целите на мерките за обезбедување на присуство на двајцата обвинети во текот на оваа постапка не можат да се постигнат со дотогашните определени мерки на претпазливост.

„Од тие причини донесе одлуки за изрекување на мерка притвор за двете лица, како неопходна мерка за непречено водење на кривичната постапка и обезбедување нивно присуство“, појаснуваат од СЈО.

Адвокатката на Јанакиески и Божиновски, Сања Алексиќ, вчера изјави дека одбраната смета дека притворот за двајцата обвинети е повеќе поради неприсутноста на Никола Груевски, кој избега во Унгарија, а е осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ на СЈО за набавката на „мерцедесот“ од 600 000 евра.



Спонзорирани линкови

Маркетинг