Уапсените во истрагата „Империја“ на СЈО донесени пред суд

Макфакс

09/11/2018

15:08

6.054

Големина на фонт

а а а

Уапсените во новата истрага отворена од страна на СЈО под кодното име „Империја“ почнаа да се изведуваат пред судот.

Од СЈО официјално не ги потврдуваат имињата на приведените, а според неофицијални информации, меѓу нив е бизнисменот Орце Камчев.

Новата истрага на СЈО е поврзана со перење пари, злоупотреба на службата и повластување на доверители. Меѓу уапсените е и Цветан Панделески, кој е бизнис-партнер на Камчев.

Новата истрага од страна на СЈО под кодното име „Империја“ е против Орце Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

„Оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело. Во текот на предистражната постапка, со преземање на различни истражни дејствија, како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост“, стои во соопштението на СЈО.

Специјалното јавно обвинителство од 6 часот утринава вршеше претрес во „Орка холдинг“, компанијата на бизнисменот Орце Камчев.

Камчев: Отворени сме за соработка со СЈО, моите компании вработуваат 3000 лица

„Орка холдинг“, чиј сопственик е Орце Камчев, а за кого СЈО отвори истрага под кодното име „Империја“, извести дека тие се отворени за соработка со СЈО и со сите други институции.

„Би сакал да ја информирам јавноста дека како сопственик на повеќе компании во Македонија, кои вработуваат над 3000 лица, максимално сме отворени и транспарентни за секој инспекциски надзор. Компаниите во кои сум сопственик, под целосна одговорност, изјавувам дека ги почитуваат позитивните законски прописи во Македонија и токму поради тоа верувам дека многу брзо ќе се отстрани секаков сомнеж околу нивното работење. Отворени сме за соработка со СЈО, како и со сите други државни институции во земјава, а пред сè во интерес на одржување на квалитетна бизнис-клима и економски просперитет во земјава“, вели Орце Камчев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг