Адвокатот на Груевски и Јанакиески бара Уставен да преиспита член од законот по кој се обвинети најмногу лица од ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

16/10/2018

15:58

1.703

Големина на фонт

а а а

На 17 септември годинава еден од адвокатите на експремиерот Никола Груевски, Миле Јанакиески и на други обвинети во предметите на СЈО, Еленко Миланов, поднел иницијатива за оценка на уставноста на член од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик од 2004 и 2009 година, потврдија од Кабинетот на генералниот секретар на Уставниот суд за „Макфакс“.

Станува збор за членот 353 од сегашниот Кривичен законик што се однесува на злоупотреби за службената положба и овластување. Но, предмет на оспорување се постарите верзии на Законот со кои биле пропишани поблаги казни за ова кривично дело.

Во 2004 година во Кривичниот законик се додава нов член 5 со кој се предвидува кривична одговорност со казна од 5 години за злоупотреби со јавните набавки. Казната затвор е најмалку 4 години. Со измените во 2009 година, овој член се менува и се предвидуваат најмалку 5 години затворска казна.

Во членот 196 од 2004 година се додава ставот по кој се обвинети најголем дел од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ. „Во членот 353 став 4, се додава нов став 5, кој гласи: Aко делото од став 1 е сторено при вршење јавни набавки или на средства од буџетот на Република Македонија, од јавни фондови или од други средства од државата, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку четири години“. Пет години подоцна членот е изменет и е зголемена казната затвор за 1 година.

Од Уставниот суд за „Макфакс“ потврдија дека предметот е земен во работа. По овој член 353, став 5, обвинети се Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Тони Јакимовски, Сашо Миајлков, Горан Грујевски, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски во „Трезор“, ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, и сите други обвинети во „Транспортер“, Мендух Тачи, Бедредин Ибраими и останатите обвинети во „Титаник 2“.

Со овој член се обвинети и сите обвинети во „Топлик“, Елизабета Канческа Милевска и останатите обвинети во „Тендери“, Дејан Бошковски и останатите обвинети во „Тарифа“, Ѓоко Попоски и Јанкулоска во „Тенк“, а Попоски уште еднаш во „Триста“, Владимир Пешевски и Миле Јанакиески во „Траекторија“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг