Washington Post: Турската влада има докази дека Кашоги бил исечен на парчиња во саудискиот козулат во Истанбул

Точка

12/10/2018

20:23

4.766

Големина на фонт

а а а

Турската влада ги известила американските службеници дека има тонски и видео докази дека исчезнатиот саудиски новинар Џамал Кашоги бил убиен и исецкан на парчиња во козулатот на својата земја во Истанбул, пренесува денес "Washington Post".

Весникот, чиј колумнист бил Кашоги, се повикал на изјави на неименувани службеници, дека снимките покажуваат како саудиските безбедносни оперативци го уапсиле Кашоги на 2.октомври, кога дошол во козулатот по документ кој му е потребен за венчавка. 

Засега овие наводи не се потврдени, а турските службеници не сакале да ги коментираат.

Саудиска Арабија како "неосновани" ги отфрлила обвиненијата дека стои зад киднапирањето, но не понудила ниеден доказ за своите тврдења дека новинарот излегол од конзулатот во Истанбул и потоа исчезнал, иако свршеничката го чекала во близина.

Делегација на Саудиска Арабија дошла денес во Турција во склоп на истрагата и ќе разговара со турските власти во текот на викендот.

Анкара вчера соопштила дека Турција и Садиска Арабија ќе оформат "заедничка работна група" која ќе се занимава со исчезнувањето на Кашоги.

59-годишниот Кашоги, кој се сметал за близок на саудиското кралско семејство, станал критичар на владата на својата земја и принцот Мохамед Бин Салман, 33-годишниот наследник на круната кој спроведува реформи, но не е толерантен кон критичарите.

Кашоги минатата година живеел во САД, каде заминал од страв да не биде уапсен, а за "Washington Post" пишувал за Саудиска Арабија. Ја критикувал нејзината воена интервенција во Јемен, неодамнешниот дипломатски спор со Канада и апсењата на активисти за правата на жените.




Спонзорирани линкови

Маркетинг