Кривична пријава за поранешниот директор на Катастар кој незаконски унапредил 128 службеници

Макфакс

11/10/2018

14:17

3.647

Големина на фонт

а а а

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, Славе Трпески.

Четириесет и четиригодишниот Трпески се товари за за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ бидејќи донел решенија за унапредување на 128 службеници без спроведување на соодветна законска постапка.

Како што информираат од МВР, Трпески без да достави барање за започнување на постапка за унапредување на административен службеник до организационата единица надлежна за управување со човечки ресурси во Агенцијата, без добиено известување за обезбедени финансиски средства од Министерството за финансии, без објавен интерен оглас на веб-страницата на Агенцијата, како и без постоење на пријави за унапредување со приложени докази за унапредување, без Комисија за селекција за унапредување, без записник за административна селекција, без записник за спроведени интервјуа со најдобро рангирани кандидати и без одлуки за извршен избор, ниту пак објава на истите на веб-страницата на Агенцијата, спротивно на членовите 49, 50, 51 и 52 од Законот за административни службеници, на 29. јули 2016 година донел 128 Решенија за распоредување и определување на плата на државен службеник.

На тој начин, во наредниот период им овозможил да се стекнат со противправна имотна корист од 7.343.131 денари на штета на Буџетот на Република Македонија.

Пријавениот Трпески исто така, постапил спротивно на член 5 од Законот за вработените во јавниот сектор.

Имено, тој без да спроведе транспарентна постапка за унапредување на административни службеници и без да го почитува начелото на еднакви услови и еднаков пристап до работно место, донел решенија со кои било извршено унапредување на вработени во Агенцијата на повисоки работни места од претходните, со што се зголемиле и нивните лични примања.



Спонзорирани линкови

Маркетинг