Јанкулоска осудена на 6 години затвор за набавката на „мерцедесот”

Макфакс

08/10/2018

13:05

5.506

Големина на фонт

а а а

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е осудена на казна затвор од 6 години за набавката на луксузниот владин ,,мердецес”. Таа треба да ги надомести и судските трошоци во постапката.

,,Носителите на јавни функции не смеат да ги потценуваат и омаловажуваат граѓаните”, рече судијката Добрила Кацарска при изрекувањето на пресудата. Таа посочи дека обвинетите се договориле да глумат до локалните избори дека возилото е на МВР за да остварат политички поени.

Јанкулоска е осудена за злоупотреба на службена должност и овластување,односно дека го поттикнала помошник-министерот во МВР, Ѓоко Поповски да изврши кривично дело.На ексминистерката ѝ се судеше во раздвоена постапка во предметот „Тенк“, бидејќи имаше ризична бременост. Случајот „Тенк“ на СЈО е за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра.

Поранешниот премиер Никола Груевски за овој случај веќе е осуден на две години ефективна затворска казна, а помошникот во министерството Ѓоко Поповски доби намалување од шест и пол на четири и пол години казна затвор на скопска Апелација.

Јанкулоска во завршните зборови побара ослободителна пресуда со образложение дека немала намера никому да влијае и да врши притисок.

Фетаи побара Јанкулоска да не го напушта Скопје

Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи побара ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска да не го напушта Скопје, поради опасност од бегство.

По денешното изрекување на пресудата, со која Јанкулоска е осудена на 6 години затвор за набавка на луксузниот владин ,,мерцедес”, Фетаи побара уште една мерка за претпазливост за ексминистерката – таа да не го напушта живеалиштето се до правосилноста на пресудата.

,,Мерките на претпазливост не ја анулираат опасноста од бегство”, рече Фетаи. ,,Но, имајќи ги предвид семејните прилики и фактот дека има бебе кое не е виновно, предлагам судот да и’ изрече забрана за напуштање на живеалиштето”, рече обвинителката на СЈО.

Адвокатката на Јанкулоска, Сања Алексиќ, рече дека барањето на Фетаи е неосновано. Таа рече дека одбраната очекувала да чуе таква пресуда.

,,Ако обвинетата сакаше да избега ќе избегаше досега”, рече Алексиќ. Јанкулоска беше присутна на сите рочишта, а имаше и две мерки на претпазливост, кои обвинетата беспрекорно ги почитувала, рече нејзината адвокатка.



Спонзорирани линкови

Маркетинг