Каква аматерска грешка: Русите протерани од Холандија случајно разоткриле шпионска мрежа

Точка

06/10/2018

17:36

8.561

Големина на фонт

а а а

Руските агенти кои биле протерани од Холандија, наводно случајно откриле повеќе од 300 свои колеги.

Шпионските агенции ширум светот сега имаат база на податоци за стотина руски агенти, се поради тоа што двајца мажи фатени во Хаг имале дипломатски пасоши со своите вистински имиња и датуми на раѓање, наведува "Daily Mail". 

Во четвртокот биле објавени имињата на овие Руси кои се осомничени дека се обиделе да изведат хакерски напад на Организацијата за забрана на хемиско оружје, а тоа се Алексеј Моренец, Јевгениј Сербрјаков, Олег Сотников и Алексеј Минин.

Истражувачката новинска агенција "Bellingcat", која ги открила вистинските идентитети на напаѓачите од Солисбери, кои го отруле Сергеј Скрипал, наведува дека двајца од четворица Руси кои во април биле протерани од Холандија, се регистрирани дека живеат во Воената академија на руската воено разузнавачка агенција ГРУ во Москва.

Автомобилот марка Лада на Алексеј Моренец исто така бил регистриран во одделението за хакери на ГРУ, во близина на воената академија и истражувачите рекле дека со претрага на останатите возила регистрирани на оваа адреса идентификувале 305 други членови од единицата 26165 која е обвинета за спроведување на хакерски напади ширум светот.

Холандските власти вчера објавиле дека го осуетиле нападот на OPCW, така што ги фатиле четворицата Руси додека седеле во автомобил пред седиштето на организацијата во Хаг. Кај нив била пронајдена и хакерска опрема скриена под хаубата на автомобилот кој го изнајмиле.

Било соопштено и дека тие избегнале да бидат обвинети бидејќи носеле дипломатски пасоши.

Четворката зад себе оставила вистинско богатство о докази кои зборуваат за руските техники на шпионажа и хакирање и кои укажуваат на нивните врски со ГРУ.

Според податоците кои ги објавило холандското министерство за одбрана, тие направиле низа невнимателни потези, поради што биле и разоткриени.

"Тие кај себе имале мобилни телефони за еднократна употреба со СИМ картички кои се активирани во близина на седиштето на ГРУ во Москва".

Потоа, во автомобилот кој го изнајмиле во Холандија биле пронајдени сметки за такси, кои покажале дека мажите патувале од седиштето на ГРУ до аеродромот во Москва пред почетокот на нивната хакерска мисија.

Понатаму, четворицата агенти на ГРУ холандските и британските тајни служби ги идентификувале кога слетале на аеродромот во Амстердам, каде се сретнале со посредник.

Припадници на MI6 и холандските тајни служби ги следеле и фатиле додека се обидувале да хакираат Wi-Fi мрежа на OPCW со помош на хакерска опрема во гепекот на автомобилот.

Кога се соочиле со припадниците на тајните служби, Русите се обиделе да ги скршат телефоните и опремата.

Кај нив биле пронајдени карти, телефони и компјутери со обележани мапи и претраги на "Google" кои покажале што им била мисијата. Двајца од четворицата имале броеви на пасош 0135555 и 0135556, што покажува дека истовремено им се издадени, а е јасен знак дека се шпиони кои ги спонзорира државата.

Лаптопот кој бил запленет кај нив, ги поврзал мажите со сајбер напади ширум планетата, а на него, наводно имало и селфи од еден од шпионите, кој позирал на еден натпревар за време на Олимписките игри во Рио, каде наводно хакирал медицински податоци за спортистите.

Вчера од САД исто така било кажано дека е поднесено обвинение за седуммина Руси осомничени за хакерски напади, меѓу кои и на Светската антидопинг агенција. Меѓу нив се и Русите протерани од Холандија.

Бројни службеници од Западот ветиле дека ќе ја уништат руска мрежа за сајбер војна, додека од Русија ги негирале овие обвиненија.