Делови од Босна и Херцеговина се под снег, нема струја: „Селата се блокирани“

Макфакс

26/12/2024

11:38

352

Големина на фонт

а а а

Делови од Босна и Херцеговина се уште се отсечени од светот и без струја поради снежните наноси, а голем број патишта во таа земја се уште се непроодни за целиот сообраќај, известија службите задолжени за итни интервенции.

Најтешка е состојбата во северозападните и северните делови од земјава, а особено се погодени општините како Дрвар, Кнежево, Лопар и Угљевиќ.

„Селата се блокирани“, изјави градоначалникот на Кнежево, Горан Боројевиќ за локалните медиуми, предупредувајќи дека верува дека има ранливи жители со кои нема комуникација.

Според податоците на РХМЗ РС во Кнежево висината на снегот е 110 сантиметри, но мештаните велат дека наносите се многу поголеми и дека достигнуваат висина од три метри.

„Сè е блокирано. Ситуацијата е тешка. Градот некако го исчистивме, струја немаме, вода засега. Имаме тројца загинати колку што знам. Меѓутоа, проблемот е што многу села немаат сигнал, ние воопшто немаме врска со нив и не знаеме што се случува таму и дали има итни случаи“, рече началникот.

Градовите и населбите во областа Шемберија и Мајевица трет ден се без струја откако снегот го оштети далноводот во тоа подрачје и екипите за поправка не можат да стигнат до столбовите поради обилниот снег.

Автомото клубот на Босна и Херцеговина (БИХАМК) соопшти дека поради снег целосно се затворени патиштата од Бихаќ кон Босански Петровац и Кључ, како и од Дрвар кон Босански Петровац и Гламоч.

Забранет е целокупниот сообраќај на возила и на релации Гламоч-Млиниште и Купес-Ново Село. Прекината е и трасата од Бања Лука до Кнежево како и од Котор Варош до Теслиќ.

Сообраќајот на камиони е забранет на низа други патни правци, особено на оние што минуваат низ планинските превои.

Слаб снег денеска падна во делови од Босна и Херцеговина, а состојбата се очекува да се подобри од утре кога се прогнозира дека врнежите ќе престанат и времето ќе се разведри.

Селото Пепелари, кое се наоѓа во близина на Зеница, четврти ден е целосно отсечено од остатокот од светот поради обилните снежни врнежи.

Klix.ba пишува дека висината на снегот надминува еден метар, а засега никој не презел конкретни мерки за пробивање до селото. Жителите се очајни, особено поради фактот што во селото живеат голем број болни и стари лица, на кои итно им е потребна помош.

Утрово со теренско возило со помош на мештанин била евакуирана постара жена од селото. Сепак, остатокот од околу 300 жители, меѓу кои има и деца, се уште се отсечени.

Селото четири дена е без струја, а мештаните велат дека од војната не биле во таква изолација. Од ден на ден расте паниката кај жителите, додека патните служби на Град Зеница се уште не се дојдени да го направат патот прооден.

Екипата за брза помош од Бања Лука четири часа се бореше низ снегот за да стигне до детето чиј живот беше во опасност.

Оваа информација на Фејсбук ја објави еден од работниците на итната служба кој рече дека не се откажуваат без оглед на невозможните услови. На крајот успеале да му ја пружат потребната помош.

„Пример за луѓе кои покажаа најголем степен на хуманост и дружељубивост се медицинските лица од Бања Лука кои поминаа четири часа низ снегот за да стигнат до дете кое било приклучено на респиратор, а сето тоа отако снемало струја поради лошото време“, изјави вработен во Итната помош.