Нобеловката Надија Мурад преживеала сексуално ропство: "Сакам да бидам последната жена на светот на која ѝ се случило ова!"

Точка

06/10/2018

12:49

3.206

Големина на фонт

а а а

25-годишната Надија Мурад, овогодишна добитничка на Нобеловата награда за мир, е жена чија животна приказна е неверојатна - полна со страдање и човечко зло, но и храброст и надеж.

Мурад е родена во малото село Којо во Ирак, во народот Јазиди. Јазидите се етничко малцинство кое ги почитува и Библијата и Куранот, а нивната традиција воглавно се пренесува по уснен пат. Од зајакнувањето на ИСИС, овој народ преживеал протерување, масакри и најлоши злоставувања. Надија Мурад била една од 6700-те жени кои ИСИС ги одвела во ропство.

Во 2014 година, тие го нападнале Сињар, бастионот на Јазидите и им поставиле ултиматум на мажите - да се преобратат или да умрат, додека жените ги одвеле во сексуално ропство.


Мурад тогаш имала 20 години. Кога ги заробиле, таа била приморана да го гледа погубувањето на своето семејство - нејзините шест браќа и нејзината мајка биле убиени пред неа, додека два преостанати члена на семејството биле тешко ранети. Нејзе ја качиле во автобус за Мосул, на пат кон самиот пекол.

Сексуалното изживување врз неа започнало штом влегла во автобусот, каде еден припадник на ИСИС ја допрел за градите. Таа во своите мемоари се присетила на моментот:

"Почувствував како да се изгорев од оган. Никој претходно ме немаше допрено на тој начин... моите солзи паѓаа на неговата рака, но тој не престана", напишала Надија.

Нобеловката била купена како роб од страна на еден судија, кој продолжил брутално да ја злоставува, а силувањето и тепањето станале нејзино секојдневие. Ѝ наредувале да се депилира, да носи провокативна облека и да се шминка. Ја третирале како објект и ја тепале доколку ги затвори очите за време на силувањата.

Монструмот кој ја купил дури ја приморувал таа да лиже мед од неговите стапала. Но, сепак Надија не го изгубила својот дух.

Еден ден, таа одлучила да побегне, но за несреќа била фатена од монструмот кој ја силувал заедно со своите шест чувари. Тоа не било крајот - Мурад постојано ја користеле и малтретирале, од ден за ден.

"Не знаеш кој следен ќе отвори врата и ќе те нападне, ниту дали утре ќе биде полошо и што ќе ти се случи", напишала Надија во своите мемоари.

Најпосле, еден ден среќата ѝ се насмевнала - нејзиниот монструм ја оставил вратата отклучена, а таа успеала да побегне кај соседите кои биле нејзините спасувачи. Тие ја прокриумчариле надвор од територијата која ја контролирала ИСИС.

Надија завршила во Духоку, бегалски камп во северен Ирак, а таму нејзината приказна ја слушнале и западните новинари.

Амал Клуни, познатата адвокатка за човекови права, станала застапник на Мурад во тужба против генералот на ИСИС за геноцид, силување и трговија со луѓе. Надија покренала и своја иницијатива за помош на жртвите од сексуално насилство.

Таа во 2017 година ги издала мемоарите со наслов "Последната девојка: Мојата приказна за ропството и мојата борба против Исламската држава", во кои испратила силна порака:

"Сакам да бидам последната жена на која ѝ се случило ова!".



Спонзорирани линкови

Маркетинг