Утринава во домот на моите родители во Струмица е извршен претрес и после неколку часа мојот татко Андони (75) е донесен во Скопје и приведен во полициската станица во Гази Баба, напиша во објава на својот фејсбук профил режисерот Јани Бојаџи.
„До овој момент со него не разговарал полициски инспектор, обвинител или судија! Ви благодарам на подршката на сите вас кои денес од раните утрински часови бевте со мене и моето семејство“, наведува режисерот во објавата.
Режисерот на филмот „Ругање со Христос“, пред неколку дена обвини дека раководството на МКЦ добило наредба од, како што наведе, шефот на Владата да го спречи одржувањето на фестивалот „Киненова“ на кој требаше премиерно да се претстави македонскиот филм.
Од MKЦ потоа ги демантираа изјавите на Бојаџи и го повикаа режисерот да се обрати кај организаторот на фестивалот.
Претходно, за филмот „Ругање со Христос“ реагираше и Министерството за култура од каде рекоа дека делото на Бојаџи предизвикува контроверзии, а, исто така, тендециозно си игра со историјата и му наштетува на соживотот.