(Видео) Сузбиена криминална група која криумчарела Македонци и Албанци во САД и Канада

Макфакс

05/10/2018

18:02

7.103

Големина на фонт

а а а

Во текот на вчерашниот ден, Министерството за внатрешни работи спроведе координирана полициска акција за сузбивање на деветчлена криминална група која организирала криумчарење мигранти со фалсификувани патни исправи, а делувала на територијата на Република Македонија и Република Албанија, соопшти министерот Оливер Спасовски на прес-конференција.

Акцијата била спроведена во координација со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и коорупција и во соработка со регионалната канцеларија за безбедност и истраги при Амбасадата на САД во Република Македонија, Европол, Селек, како и полициите на Албанија, Австрија, Шпанија и Бугарија.

„Криминалистичката истрага се спроведуваше во изминатите 18 месеци. Криминалната група од Македонија беше идентификувана како дел од меѓународна организирана криминална мрежа составена од соработници од Албанија, Бугарија, Шпанија, Доминиканска Република, Хондурас, Гватемала и Мексико. Членовите на оваа криминална група организирале криумчарење на повеќе групи на илегални мигранти со потекло од Албанија и Македонија со крајна дестинација САД и Канада. Криумчарењето го организирале за лица кои не можеле да добијат виза за патување кон наведените дестинации по регуларен пат и од истите барале и добивале паричен надомест во висина од 20.000 до 25.000 долари по лице“, појасни Спасовски.

Министерот рече дека биле извршени претреси во вкупно 12 објекти во Охрид, Струга, Дебар и Скопје.

„При претресите пронајдени и привремено одземени се поголема сума на парични средства во различни валути, две патнички возила (БМВ и Мерцедес), пиштол, куршуми, мобилни телефони, сим картици, четири австралиски патни исправи, копија од канадска патна исправа, апликации за канадски визи, гарантно писмо од Канада, белешки со контакт информации и лични податоци од повеќе различни лица; уплатници за испорака на документи по брза пошта и разновидна банкарска документација“, истакна Спасовски. 

До јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против вкупно девет лица. 

„Оваа криминална група врбувала лица – потенцијални мигранти, а потоа им обезбедувала фалсификувани документи за идентификација, им резервирала и купувала автобуски и авионски билети до одредени дестинации во Европа и земјите на Централна Америка, потоа резервација на соби во хотели во Шпанија, како и во Панама, Доминиканска Република, Хондурас, Гватемала, Мексико и други земји. Организаторите на криминалната група ангажирале и лица кои ги прифаќале мигрантите и им обезбедувале дополнителни фалсификувани документи, особено за влез во Мексико, а го организирале и превозот и илегалното пренесување на мигрантите од Мексико до земјите на крајната дестинација – САД и Канада. Мигрантите биле криумчарени во групи од по двајца до четворица, со претходно договорен временски период во кој се предвидувало да се реализира целосната организација на криумчарењето, рутата по која ќе биде реализирано истото, локациите на кои во текот на криумчарењето мигрантите времено ќе престојуваат, односно ќе се засолнуваат, како и начинот на исплата на договорениот паричен износ“, соопшти министерот Спасовски. 

Криминалната група од Македонија во содејство со соработниците од Албанија во периодот од април 2017 година до март 2018 година, успеала да прокриумчари околу 50-тина мигранти кон САД, со што се стекнале со противправна имотна корист во износ од околу милион американски долари.