Единствена Македонија: Одѕивот на референдумот беше околу 32 отсто

Макфакс

05/10/2018

13:48

2.639

Големина на фонт

а а а

Единствена Македонија не го признава резултатот од референдумот. Од партијата тврдат дека над 70 илјади гласови се злоупотребени со груб фалсификат и дека одѕивот бил 32, а не 36,9 отсто.

„Како што е познато, Кризниот штаб против референдумот за време на одржувањето на референдумот имаше 1.646 набљудувачи кои беа распоредени надвор пред избирачките места на законски определената одалеченост и кои ја бележеа на соодветни листови со цртки излезноста на гласачите. Со овој број на набљудувачи беа покриени 2.650 избирачки места земајќи во предвид дека во една зграда има повеќе избирачки места. Нашите набљудувачи беа надвор во дворовите пред избирачките места, од причина што, Државната изборна комисија не дозволи Кризниот штаб да има свои набљудувачи внатре во просториите каде се гласа“, изјави Билјана Џинго, членка на Извршниот комитет на Единствена Македонија.

Таа информира дека според податоците што ги добиле, излезноста е околу 32 отсто или на гласање излегле околу 576 илјади гласачи. Според ДИК одѕивот се 36,91 или 666.743 илјади гласачи што е разлика споредено со податоците на Единствена Македонија од околу 90.000 гласачи.

„Значи, се обистинуваат информациите дека на денот на гласањето во периодот од 17 до 19 часот масовно се полнети кутиите. Дури, според податоците, на избирачки места во средините каде живее албанското малцинство на секои 11 секунди гласал по еден гласач што е само посебе надвор од секаква изборна и човечка логика“, рече Џинго.

Според неа, останува мистерија изненадната попладневна средба на самиот ден на референдумот меѓу лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети. Но, додаде Џинго, непобитен факт е дека по оваа средба на самиот ден на референдумот, поточно после 17 часот, масовно се полнети кутиите во средините каде живее албанското малцинство.

Таа повтори дека Кризниот штаб против референдумот „Македонија – Бојкотира“ не ги признава референдумските резултати, а гласањето на 30 септември го оцени како тежок фалсификат.